Груевски демантира дека одбивал да преговара: Јас го чекав Ципрас, Ципрас го чекаше Заев

Откако во интервју за Financial Times грчкиот премиер Алексис Ципрас го оцени експремиерот Никола Груевски како човек кој никогаш немал намера да преговара за името, денеска демант пристигна од Никола Груевски лично.

Груевски тврди дека не е точно дека тој не сакал да разговара за изнаоѓање решение. Тврди дека Ципрас никогаш не предложил да се разговара по тоа прашање, па да можел Груевски евентуално да ги одбие, туку напротив, тој му предложил на Ципрас да разговараат за прашањето за името, и тоа во два наврати, но никогаш не добил конкретен одговор.

Груевски не одрекува дека Ципрас неформално се согласил со таквата иницијатива, но разговорите не се материјализирале од две причини. Првата е длабоката економска и финансиска криза во Грција, која максимално го окyпираше целиот политички фокус на Ципрас, за што, тврди Груевски, Ципрас имал целосно разбирање и од сите премиери и лидери на земјите од ЕУ и пошироко. Според Груевски, и за Ципрас, но и за нив и нивните банки, далеку поголем приоритет било тоа Грција да работи на излегување од кризата и да ги врати позајмените од нив пари. Груевски тоа сликовито го објаснува сеќавајќи се на една негова средба со претседателот на Европскиот совет Ван Ромпуј:

„Кога истата година на една средба со претседателот на Европскиот совет Ван Ромпуј во Брисел замолив за поголем ангажман од Унијата и од него лично да се изврши притисок врз Грција да го реши спорот со нас и да нè деблокира за нашите стратешки интеграции, по молчење и размислување од неколку секунди мошне искрено ми одговори отприлика вака: ‘Доколку некој висок политичар во светот во овој период ви вети дека ќе се заложи за ова Ваше барање, знајте дека не е искрен со Вас. Затоа што наш клучен приоритет е како да се стабилизира финасиската криза во Грција и да почнат да си ги враќаат долговите кон нас. И доколку има најмал простор за притисок во овој период, верувајте дека ќе биде искористен во правец на мерките за финасиска стабилизација, а не за ова прашање. Вие имате два избора: или да ги прифатите сите грчки услови и барања и така да излезете од проблемот или да почекате‘“.

Втората причина поради која Ципрас не се одзвал на неговата иницијатива за разговори околу прашањето за името, тврди Груевски, е почетокот на политичката криза во Македонија.

„Втората причина заради која Ципрас не се одзва на мојот повик за разговори околу прашањето кое не блокираше е затоа што на почетокот на 2015 во Македонија започна политичката криза и толку видливата операција во обид за промена на владата заради промена на името, со што г-дин Ципрас сосема логично одлучи дека е подобро да го почека расплетот на кризата и евентуален успех на зацртаната цел на таа операција, што за неговата земја ќе значеше, како што и подоцна се случи, доаѓање на нова влада во Македонија која однапред ќе има дадено согласност и даден збор дека доколку биде инсталирана ќе ги прифати грчките позиции и на тој начин со привиден и одглумен компромис и преговори, ќе се затвори прашањето целосно во грчка полза. Едноставно тој процени дека ако почека, може ќе има далеку за нив подобар соговорник кој е спремен на далеку поголеми остапки во однос на националните прашања, името, идентитетот, историјата…“, пишува Груевски. Тој тврди дека Ципрас и Грција продолжиле да купуваат време и да чекаат попогодни (за нив) преговарачи од македонска страна.

„Според ова, Грција никогаш од моја страна немала проблем за средби и разговори, напротив ние сме ги поттикнувале, бидејќи сакавме да најдеме компромис со кој ќе се деблокираат нашите интегративни процеси за членство во НАТО и ЕУ. Она што беше реален проблем е што ние не сакавме да прифатиме договор со толку големи остапки по националните интереси какви што Грција бараше и нè условуваше. Впрочем самиот г-дин Ципрас во истото ова интервју за Financial Times јасно и мошне искрено кажува дека не беше проблемот само околу името, туку и околу идентитетот и историјата.

За жал не само намерите, туку и јавните настапи на владата на СДСМ по нејзиното инсталирање во мај 2017, воопшто не беа во правец на градење добри позиции на државата за преговори. Токму тогаш, средината на 2016 година Грција прогласи крај на финасиската криза и дојде во ситуација да може да си ги сервисира долговите, а со тоа дојде и времето кога можеше да се смета и на поширок меѓународен притисок кон нив по ова прашање. Новата македонска влада наместо да ја искористи таа нова ситуација, уште во првите денови јавно во медиумите нејзините челници изјавуваа дека -цитирам: ‘по секоја цена’ мора да го решат ова прашање, при што и самите јавно си даваа временски рокови помеѓу 6 месеци и една година. Кој и да беше на местото на г-дин Ципрас, во една таква околност ќе побараше остапки од соговорникот кои претходно не ги планирал или очекувал да ги добие, бидејќи другата страна, македонската страна, јасно кажа: ‘по секоја цена’. Кога некој ќе каже јавно пред да започнат преговорите дека нешто сака да добие по секоја цена, а утредента оди на божемни преговори, тогаш нормално е цената на она што се сака да се постигне, деблокадата во случајот, силно да порасне и нормално е другата страна да ја прифати и плати“, пишува Груевски.

Сепак, и покрај многуте причини Ципрас да биде задоволен од постигнатиот договор, Груевски предупредува на една голема слабост на истиот, слабост која има потенцијал да го „разгори жарот“ на „желбата да се поврати изгубеното“.

„Г-дин Ципрас, краткорочно и среднорочно гледано, има голема причина да е среќен и задоволен од овој договор во Преспа. Од долгорочен аспект, ако воопшто тоа му е важно, договорот има само една слабост, а тоа е дека тие премногу добија како нација, а ние како нација премногу изгубивме со содржината и остапките во овој договор.  При такви екстреми, историски гледано, другата страна која е толку силно yценета, поразена и понижена, по некое време, кога некои околности ќе се променат, колку и да е тоа долго време подоцна, има силен нагон и потреба на еден или друг начин да го поврати загубеното. Затоа, за трајно решение во вакви децениски спорови, за решение со долгорочна одржливост, подобро е за двете страни да се постигне разумен компромис, поправичен компромис, одколку вакво ‘виткање рака’. За да биде вечен договорот и компромисот.

Кога се ќе одбиете, жарот останува да гори кај оној кој сè загубил и никогаш не сте сигурни кога тој жар нема да се распламти и прашањето повторно да се отвори, а проблемот да се врати на маса. Јас се трудев да постигнеме одржливо и многу поправедно решение со кое двете страни ќе можат засекогаш да живеат, да бидат блиски и да се почитуваат. Децениите пред нас ќе покажат, кој бил во право“, пишува Груевски. Подетално во неговиот Фејсбук пост линкуван во продолжение:

- Реклама -