Груби жали што мнозинството Македонци не го поддржале Фестивалот за Рамковниот договор

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, жали што мнозинството Македонци не го поддржале Фестивалот за одбележување на Орхидскиот договор.

„Имавме одлична политичка школа за млади лидери на која што учествуваа и Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби и од сите заедници и би сакал да добијам општествена поддршка за такви активности, додека фестивалот жалам што не наиде на поддршка кај мнозинството македонски граѓани и што на хистеричен начин јавноста реагираше на која било можност еден Македонец да пее на еден фестивал на којшто се одбележува 13 Август – Денот на Охридскиот рамковен договор. Навистина жалам што од целото општество никој не застана во одбрана на еден Македонец којшто би присуствувал на таков еден заеднички настан со којшто би одбележале потпишување на мировен договор којшто го потпишаа и сите македонски политички партии и впрочем денеска е Устав на РСМ“, рече Груби, кој денеска беше во Арачиново.

Меѓу другото, Груби во Арачиново од новинарите беше прашан и за етничката застапеност во неговото министерство, односно колку Македонци работат таму.

Груби рече дека има Македонци, Роми, Турци… и дека во рамките на Министерството е и Агенцијата за немнозински заедници каде што се сите заедници, Управата за култура, Управата за образование на заедниците, исто така… така што не ја знае точната процентуална застапеност.

„Распределбата се случи и се уште е во тек, се уште имаме помалку од стотина од тие 1 500 коишто беа распределени, коишто се распределуваат па ќе треба да направиме нова калкулација на тоа кои се останати во Министерството, а кои се заминати. Но, на последниот конкурс најмалку 12 Македонци ги примивме на работа“, вели вицепремиерот.

Извор: МИА

- Реклама -