„Работиме на тоа цело ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставни измени. Ако ВМРО-ДПМНЕ е определена за европска Македонија тогаш ќе се придружи на уставните измени“, изјави вечерва првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.
Во „Топ тема“ на ТВ „Телма“, тој рече дека денеска разговарале во Владата за уставните измени, но и претходно формирале тим кој работи на оваа проблематика.
„Не да сум оптимист, убеден сум дека ќе успееме, планот ни е одличен, многу амбициозен и реален за имплементација и реализација. Знам дека има скептици, сакате гола математика и да броите пратеници како да се стигне до 80, но знаете дека досега сѐ што сме кажале испаднало така и дека се реализирало“, кажа Груби.
Груби посочи дека ќе се договорат многу едноставно, како што се договориле минатиот пат со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе бидеме кративни, флексибилни и сметам дека ќе се изнајде решение за овој проблем, но не мислам дека треба да има методи како уцени, не сум за тоа, но ние сме лидери кои треба да донесеме храбри одлуки кои се непопуларни за нас, но за добро на државата“, рече Груби.
Според него, за сите храбри одлуки што ги направиле сме биле наградени како општество.
„Единствено што ни преостанува од големите компримиси се уставните измени, со што всушност македонскиот народ добива најмногу, конечно се одделува од бугарскиот народ“, тврди Груби.
Во однос на вчерашниот партиски настан, тој смета дека тоа било потврда дека огранокот на ДУИ од Чаир стои зад Али Ахмети, а не зад Артан Груби или Изет Меџити. Тој додаде дека веќе месец и пол имаат активности во огранокот во Чаир, а на состаноците со подограноците имале повеќе од 200-300 луѓе.
Прашан каков ќе биде понатаму односот кон „Огнените“ и кон нивните барања, кои рекоа дека не биле поканети на синоќешниот настан, Груби рече дека има несогласувања во ДУИ, но потенцира дека не треба да има посебна покана.
За голчето во неговиот Кабинет, Груби кажа дека му е подарок од Фудбалската федерација на Македонија, а баскетот му е донација од Перо Антиќ. Ракометната топка, додаде, му е од Наумче Мојсовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт.
Извор: МИА