„Имавме мала координативна средба со колегите од ДУИ за заеднички да отидеме кај претседателот Стево Пендаровски“, изјави денеска „првиот вицепремиер“ и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, откако по примопредавањето на функцијата се сретна со петте министри Албанци, прашан за потребата од една ваква „засебна“ средба на министрите од ДУИ.
За медиумите, Груби ја појасни и синоќешната изјава по изгласувањето на Владата, кога на премиерот Заев му порача дека „од вечерва ние сме веќе едно“.
„Секако дека премиер е Зоран Заев, ова е коалициска влада“, рече Груби, но не пропушти да појасни дека одлуките ќе се носат „консензуално“:
„Како што може да видите и во коалицискиот договор и во Програмата на Владата, консензуално одлучуваме, заеднички сите како колективно тело за доброто на сите граѓани и имплементирање на програмата“.
Прашан за неговите надлежности, Груби, слично како Заев по склучувањето на коалицискиот договор, рече дека како прв потпретседател на Владата неговата улога ќе биде да го менува премиерот во негово отсуство, но ја потврди и „координативната“ улога, како што ја опиша Заев, истакнувајќи дека ставовите ќе се проведуваат „кохезивно“:
„Секако, ќе работиме заедно. Ние сме коалициска Влада и моја задача првенствено е да ги хармонизираме нашите ставови во програмата која заеднички ја имаме сплотено и усвоено и да ја имплементираме. Секако, дијалогот меѓу нашите две политички партии кохезивно во новата Влада ќе треба Заев и јас да го спроведеме во секојдневни дејствија“, истакна Груби.
Прашан околу Законот за Влада, според кој не постои функција „прв вицепремиер“, Груби најави измени во Деловникот за работа на Владата:
„Сметаме дека постои потреба за менување на Деловникот на владата и тоа ќе го разговараме на утрешната сендица“, рече првиот заменик на Заев.