Првиот вицепремиер и министер за политички систем – Артан Груби, смета дека според извештајот на Обвинителството за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември во кој загинаа 14 луѓе, очигледно е дека министерот и заменик-министерот за здравство немаат, како што рече, никаква одговорност за трагичниот настан, но дека, сепак, одлуката за нивните оставки останува да ја донесе премиерот кој ќе ја соопшти денеска.
„Го прочитав извештајот и очигледно станува збор за несреќен, трагичен случај и очигледно е дека истрагата го потврди тоа во што се сомневавме – дека се работи за трагичен настан во кој, за жал, загинаа многу наши сограѓани. И согласно тоа, мислам дека и одлуките коишто ќе ги донесе премиерот се совпадливи со извештајот и со видувањата на Обвинителството“, изјави Груби за ТВ „Телма“.
Според него, оставките на двајцата директори на болницата се неотповикливи и тука, рече, нема што да се прифаќа, додека оставките на министерот и заменик-министерот беа доставени до Владата и за нив треба да биде донесена одлука, но дека од увидот на Обвинителството јасно е наведено во извештајот.