Радикални исламисти, со секири и други примитивни алатки, извикувајќи молитви, ги уништиле гробниците на муслиманските светци во Тимбакту, кои беа заштитени од УНЕСКО.
На 1 април, 2012 година, веднаш по воениот удар во Мали, бунтовниците од племето Туарези го зазедоа регионот околу градот Тимбакту и го прогласија за независна територија. Иако не се признати од ниту една друга држава, територијата на север од реката Нигер функционира со строг Шеријатски закон, спроведен од исламистички екстремисти, тесно поврзани со Ал Каеда.
Денес, Тимбакту е во рушевини. Градот заштитен од УНЕСКО веќе не може да се препознае. Еден локален имам изјавил: „Го силуваа Тимбакту денес. Ова е криминално дело“.
Радикалните исламисти ги сметаат светилиштата за форма на идолопоклонство и поради тоа се решиле да ги разрушат историски вредните џамии и гробниците на муслиманските светци. Тимбакту, исто така познат и како „Градот на 333 светци“ никогаш нема да биде ист. Исламистите соопштиле дека се заветуваат да го уништат секој мавзолеј во градот, без исклучок и дека не го признаваат УНЕСКО, бидејќи работеле по наредби на господ.
Од УНЕСКО велат дека ова е тажен ден за целото човештво, а потоа ги повикаа оние што во моментов го контролираат Тимбакту да се свртат кон разумот, заради идните генерации и наследството што треба да им биде оставено. [Timbuktu’s tombs destroyed by militants]