Интервјуто за работа спаѓа меѓу најстресните ситуации во животот. Едноставно сакате да блеснете, да изгледате самоуверено, угледно, да се чувствувате комотно и да одговарате точно на сите прашања. Но, за сево ова да биде баш како што сакате, потребно е да внимавате на најчестите грешки.
Невистини во CV
Иако невистините се мали, ситни, занемарливи и служат како декорација на биографијата, немојте да заборавите дека секој детаљ може да се провери со едно вртење на телефон или уште полошо со неколку клика на интернет. Со само неколку потпрашања од страна на работодавачот, вие ќе заглавите доколку пишувате невистини. Затоа, никогаш не служете се со невистини, најдобро тренирајте како ќе се обраќате и како ќе комуницирате.
Несоодветна облека
Ова е голема грешка што можете да ја направите. Облеката го отсликува човекот уште од самото појавување на вратата, па работодавачот може да оцени дека не сте за таа работа бидејќи несоодветната облека воопшто не му се допаднала.Особено во поголемите и поугледните копании, секогаш носете стандардна и угледна облека, одело, или кошула со панталони кои колоритно одговараат. Немојте да се облекувате во спортска облека, ниту во премногу кратки здолништа бидејќи тоа во реално интервју тешко дека ќе ви биде од корист.
Трема
Немојте премногу да се возбудувате, бидете опуштени, внимавајте на вокабуларот и точноста на она што го кажувате, но не седете здрвени. Опуштете се како да разговарате со некој ваш пријател, со таа разлика што нема гласно да се смеете, да мафтате со рацете и да користите дијалектизми и други неприкладни зборови.
Објавено во соработка со За Здравје.