Следуваат неколку стручни и проверени совети за правилно користење на системите за разладување.
1. Не ја подесувајте климата на превисока или прениска температура. Оптималната разлка меѓу надворешната температура и онаа во просторијата е помеѓу 7 и 10 Целзиусови степени. Најдобро е климата да ја наместите на температура од 24 до 27 степени. Околу 97% од луѓето се чувствуваат удобно на температура од 25 степени. Долгата изложеност на температура пониска од 23 степени може да предизвика болести на дишниот систем. Исто така, лошо е и да се изложувате на огромни температурни шокови, на пример, при излегување од добро разладен стан директно на голема жештина надвор на улица, и обратно. По можност, направете постепен преод – поминете неколку минути во просторија со средна температура.
2. Најудобната собна температура варира од човек до човек. Жените согоруваат помалку калории од мажите, па обично им одговара нешто повисока температура. Подебелите луѓе создаваат повеќе топлина во однос на површината на кожата, па воглавно им одговара пониска собна температура. Со текот на годините и староста, метаболизмот забавува, па на постарите лица им одговара повисока температура.
3. Клима-уредите го сушат воздухот. Тоа се гледа од водата што непрекинато истекува од нив. Претераната изложеност на студен и сув воздух може да ги исуши слузните мембрани во носот и така да ја зголеми чувствителноста на инфекции на горните дишни патишта. Проблемот може да го ублажите со помош на освежувачи за воздух.
4. Луѓето кои долго време поминуваат во разладена просторија можат да развијат нетолеранција на топлина. Кога ќе се најдат на врел воздух, може да дојде до вртоглавици, главоболка, потешкотии во дишењето, но и до топлотен удар.
5. Претераната употреба на климатизација кај алергичните лица може да ги влоши симптомите на алергија. Тоа е случај особено ако воздухот во просторијата не е чист или не се проветрува доволно редовно. Претерувањето исто така може да предизвика и преладување, воспаление на синусите, воспаление на увото, болки во зглобовите и артритис.
6. Ефикасноста на клима уредот опаѓа од 3 до 10% со секој степен под оптималната температура од 27.5 степени. Со други зборови, ако претерувате со ниските температури, ќе трошите повеќе струја.
7. Редовно чистете ги филтрите и сервисирајте ги уредите, бидејќи во нив се таложи нечистотија, и алергени бактерии кои можат да предизвикаат бројни здравствени проблеми.