Грчки градоначалник си даде оставка поради ратификацијата на Преспанскиот договор

Ни неколку часа не изминаа од ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, а градоначалникот на Стилида (централна Грција) – Апостолос Глетос ја најави својата оставка во знак на протест. Тој испрати соопштение до јавноста во кое вели вака:

„Од времето на Каподистријас до денес, имало моменти кога грчките власти се однесувале нечовечки и спротивно на грчките интереси. Таков момент е и овој денес, во кој странските центри на моќ и нивните послушници од власта му наметнаа на грчкиот политички систем, со смртоносна уцена, да го признае името Северна Македонија за име на Скопје.

Ова ќе ја отвори торбата на Еол* и ќе разбуди злобни духови низ нашата земја. Се надевам дека ќе бидам разочаран. Но како одговор на овие странски центри на моќ и нивни послушници кои решаваат за нас а без нас, јас се повлекувам од позицијата Градоначалник на Стилида во знак протест и можеби некакво охрабрување за младите луѓе во оваа земја кои можеби не знаат како се играат овие тешки политички игри.

Градоначалникот на Стилида, Апостолос Глетос“, се вели во соопштението.

Во грчката митологија, Еол е богот на ветровите и крал на митскиот остров Еолија. Тој ги чувал силните ветрови заробени во пештера во внатрешноста на островот, а ги ослободувал само по команда на надредените богови кога сакале да предизвикаат деструкција во светот. При своите патувања Одисеј го посетил островот и Еол му подарил западен ветер за да го однесе дома до Итака. Но Еол исто така на Одисеј му доверил и торба во која биле заробени сите ветрови освен западниот. По неколку дена патување, кога Итака веќе бил на видик, Одисеј попуштил и му се предал на сонот. Додека спиел, љубопитноста ги надвладеала неговите морнари, па ја отвориле торбата мислејќи дека содржи скапоцености. Избеганите ветрови предизвикале хаос и го вратиле бродот далеку назад, дури до брегот на Аеолија. Еол одбил повторно да му помогне на Одисеј.

- Реклама -