По 38.5 часа расправа на пленарната седница, која почна во средата наутро, грчкиот парламент го ратификуваше Договорот од Преспа.
Се гласаше со поединечно прозивање на сите 300 пратеници. 153 пратеници гласаа „за“, 1 беше „воздржан“, а 146 – „против“. Со тоа грчкиот парламент го усвои нацрт законот на Министерството за надворешни работи на Грција за ратификација и стапување во сила на Договорот од Преспа, пренесува МИА.
Во следните неколку недели во грчкиот парламент ќе се гласа и за пристапниот протокол за НАТО за Република Северна Македонија. Според Договорот, Грција прва треба да даде зелено светло за членство на Македонија во Алијансата.