„Нашата визија е да им обезбедиме услови на младите за да живеат и работат тука. Со помош на централната власт и меѓународната заедница реализиравме доста проекти, бидејќи Преспа и Северна Македонија го заслужуваат најдоборото“, порача градоначалникот на Ресен – Живко Гошаревски, на вчерашната партиска трибина на СДСМ – „Најдоброто за нашата општина“, во Ресен.
Гошаревски, меѓу другото, соопшти дека започнале активностите за реконструкција на патниот правец Ресен – Охрид преку Галичица, со кој, како што рече, конечно ќе можеме да се восхитуваме на Галичица и да привлечеме туристи од земјава и од странство.
Гошаревски истакна и дека во изминатите 3.5 години локалната власт изградила и реконструирала преку 20 километри улици и патишта и над 10 километри водоводна мрежа.
Градоначалникот посочи и дека локалната власт на СДСМ наследила доста препреки и долгови, со макотрпна и транспарентна работа во изминатиот период Преспа конечно го добила модерниот лик што го заслужува. Како што истакна тој, мотивот за подобар живот преовладал над сѐ друго.
„Капиталните проекти кои ги оставам зад себе ќе сведочат за успешноста, транспарентноста, одговорноста и работата во интерес на сите жители на општина Ресен“, рече Гошаревски.