Ѓоргиев: Бугарија извршила „окупација“, но не била фашистичка земја

„Присуството на бугарската војска овде не може да се дефинира поинаку, освен како окупација“, вели за „Гласот на Америка“ копретседавачот со македонскиот дел од Заедничката комисија за историски прашања со Бугарија – Драги Ѓоргиев, прашан за ставот на премиерот Зоран Заев изнесен во интервјуто за бугарската БГНЕС во однос на периодот во Втората светска војна.

„Така е дефинирана таа акција и во самите документи на бугарската Влада, од април 1941 година. Така е дефинирана таа акција и во западната историографија, а така е дефинирана и во нашата историографија. И тука воопшто не може да стане збор за некаква поинаква формулација, односно окупација на територијата на тогашното кралство Југославија, односно на територијата на Македонија која влегува тогаш во состав на кралството“, додава Ѓоргиев.

Сепак, претседателот на македонската страна во Комисијата не се согласува со формулацијата дека Бугарија била фашистичка земја:

„Мислам дека таквата определба и таквата дефиниција на Бугарија не може да се примени, бидејќи Бугарија во тоа време според своето уредување не е фашистичка земја. Таа е коалиционен партнер на нацистичка Германија и на фашистичка Италија, но самата не е фашистичка земја. И дефинирањето на Бугарија како фашистичка земја, мислам дека не е во согласност со историските документи и реалност од тоа време“, вели Ѓоргиев.

Прочитајте и:  Муртезани: Уставни измени ќе има кога ќе се знае крајот на процесот

Тој уште еднаш одби да ги коментира останатите ставови на премиерот Заев изнесени во интервјуто, со образложение дека од самиот почеток одбива да коментира политички изјави (какви што и досега имаше, потенцира), од двете страни. На политичарите им порача да заборават на Комисијата, во смисла целосно да ја ослободат од политички (обиди за) влијанија.

Во однос на реакциите на дел од експертите во македонскиот дел од Комисијата кои се оградија и ги осудија изјавите на премиерот, Ѓоргиев посочи дека тоа во никој случај не значи и дека не е ни можен целосен прекин на работата на комисијата, туку напротив – дека тоа зборува за нивната храброст и доблест да се спротивстават на еден политичар, а тоа пак потврдува колку оваа комисија е независна од политиката. Притоа, тој потенцира дека во рамки на македонската страна во комисијата не постојат никакви несогласувања.

Претходно, во изјава за ТВ „Алфа“, Ѓоргиев истакна дека изјавите на Заев „нема да им ги врзат рацете“ на историчарите.

- Реклама -