Големата возбуда по раното водство нѐ чинеше добар резултат, вели албанскиот селектор Силвињо


Селекторот на албанската фудбалска репрезентација Силвињо по минималниот пораз од 1:2 против бранителот на титулата Италија во 1. коло од групата Б на Европското првенство, изјави дека преголемата возбуда по многу раното водство ја чинеле неговата репрезентација подобар резултат.

Албанија поведе по само 23 секунди игра преку Недим Бајрами, што е нов најбрз погодок на европските шампионати, но Италија веќе беше во водство само 16 минути подоцна со головите на Алесандро Бастони и Николо Барела.

„Добро го започнавме натпреварот и рано постигнавме гол. После тоа, тимот беше многу возбуден, но моравме да играме подобро, особено во првото полувреме. Подоцна имавме можности да израмниме, особено Манај. Италија ја движеше топката брзо и штета е што не можевме да одолееме да не го примевме вториот гол, ќе бевме во добра позиција да се закануваме од контранапади , но на крајот останавме без ништо. Морам да ги пофалам и нашите навивачи кои ни дадоа голема поддршка“, рече Силвињо, поранешниот лев бек на Барселона и Арсенал.

И Берат Џимшити, капитенот на албанската селекција која во следното коло ќе се соочи со Хрватска која претходно во саботата беше убедливо со 0:3 по првото полувреме совладана од Шпанија, се согласи со својот селектор.

„Италија заслужено победи. По нашиот гол нѐ притиснаа, тоа е силна екипа со многу квалитет и искуство. Стракоша (голманот на албанската селекција) нѐ одржа во игра со неколку одбрани, но имавме свои шанси и преку Манај”, истакна Џамшити.

По 1. коло во групата Б, Шпанија и Италија имаат по три бода, додека Албанија и Хрватска немаат бодови, па јасно е дека средбата меѓу Албанија и Хрватска во среда во Хамбург е натпревар во кој двете репрезентации мора да играат за победа.

- Реклама -