Економските мигранти, блокирани на грчко-македонската граница, се соблекоа голи до половината во знак на протест поради одбивањето на македонските власти да ги примат во земјата.
Од минатата недела нашата земја обезбедува премин само за бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан, земји во кои се водат борбени дејства, и одбива да пропушти економски мигранти од Иран, Пакистан, Алжир, Тунис, Либан, Конго, Сомалија и други африкански земји.
Во моментов меѓу двете граници се блокирани околу 1.300 лица. Демонстрантите се соблекоа голи до половината, за да изразат незадоволство.
Грчките власти продолжуваат да ги пуштаат мигрантите до македонската граница, недалеку од Гевгелија. Тие неколку пати се обидоа да навлезат во нашата територија, од каде ќе го продолжат патот кон Западна Европа, но беа спрени од македонската полиција.
Дел од мигрантите ја одбиваат и хуманитарната помош која им се нуди – храна, ќебиња, вода … Од време на време тие скандираат “Не сме терористи”, “Сакаме слобода”, “Меркел”.
#Greece–#Macedonia border where ~1,000 #refugees are on hunger strike & trying to block Afghans, Iraqis & Syrians pic.twitter.com/Ol4C88ONro
— Balkan Newsbeat (@BalkanNewsbeat) November 23, 2015
Поради блокадата на железничката линија веќе неколку дена не се движат возовите по меѓународната линија од Солун за Скопје. Од почетокот на годината низ Македонија поминаа 500 000 луѓе.
Сите тие пристигнуваат организирано од Грција со автобуси и возови до македонскиот пограничен град Гевгелија. Властите во Скопје постојано повикаат за координација меѓу Атина и Скопје по ова прашање, но до моментов нема волја од грчка страна за тоа.
Грција се противи и на распоредувањето на полицајци од “Фронтекс” на границата меѓу двете земји.