Кинеските обожаватели на најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ ги дочекаа своите пет минути. Српскиот тенисер одвои време на социјалната мрежа QQ да одговори на нивните прашања.
Најдобриот тенисер во светот на почетокот на јануари се логираше на кинеската социјална мрежа Weibo на која за неполн месец има близу 200 илјади фанови.
На прашањето дали мисли дека дуел со Енди Мареј на финалето во Мелбурн би можел да ја замени пресметката на Роџер Федерер и Рафаел Надал, Новак рекол дека неговото ривалство со Шкотот е нешто сосема поинакво во однос на споменатите Швајцарец и Шпанец.
„Не мора да го замени. Ривалството меѓу мене и Мареј е нешто поинакво од ривалството меѓу Роџер и Рафа“, рекол Ѓоковиќ додавајќи дека не размислувал за соборување на рекордот на Федерер од 17 титули, но дека сака да освои што повеќе.
Еден обожавател го прашал кој Грен слем му е приоритет оваа година.
„Дефинитивно Ролан Гарос. Но не би имал ништо против да го освојам него, Вимблдон и УС Опен“, се пошегувал Новак.
Српскиот тенисер открил каде се гледа за десет години.
„За 10 години? Се гледам себе си во улога на татко“, напишал Новак.