„Гневот на Бугарите не е безопасен и РСМ може да го почувствува“, ни порача Борисов од средбата со мајката на Пендиков

Лидерот на ГЕРБ – Бојко Борисов, во седиштето на партијата денеска оствари средба со мајката на претепаниот македонски Бугарин – Христијан Пендиков. Со настанот, рече, тој лично ќе ги запознае претседателот на Европската народна партијата – Манфред Вебер.

Средбата, порача Борисов, треба да се сфати како јасна порака до македонските власти.

„Ја осудуваме агресијата кон Христијан Пендиков. Ќе настојуваме на европско ниво да се осуди нападот врз него“, рече тој.

Борисов, воедно, ги повика македонските власти – премиерот и министрите за внатрешни и надворешни работи – да направат сѐ што е можно за да бидат затворени и казнети виновните за нападот.

„Само така РСМ ќе докаже дека е правна држава“, рече тој пред мајката на Пендиков.

Борисов рече дека „Бугарија најмногу ѝ помагала на Република Северна Македонија“, но дека „Скопје треба да внимава да не ги разлути Бугарите“. Напади и недејствување за нивна осуда, вели, се недопустливи.

„Најстрашно на Балканот е да се разлутуваат Бугарите. Ние направивме сѐ за РСМ. Секогаш ја имале нашата целосна поддршка. Затоа ги повикувам, уште еднаш кажувам – осудете ги напаѓачите“, порача Борисов, па се закани дека Скопје ќе го почувствува гневот на Софија.

„Нашиот гнев не е безопасен. Нашата блискост и љубов кон вас е огромна како држава, но и нашиот гнев е тежок. РСМ ќе го почувствува ако властите брзо не си ја завршат работата и не ги казнат виновните“, порача лидерот на ГЕРБ.

Мајката на Пендиков, се заблагодари за сѐ што направила Софија, за лекарите и поддршката од страна на Борисов. Таа посака никогаш повеќе во Македонија да нема слични инциденти. Секој треба да има право да ја изразува својата етничка припадност, порача таа, пренесуваат бугарските медиуми.

- Реклама -