Глобалениот компјутерски мрак е предизвикан од ажурирање на софтвер за интернет безбедност

Софтверско ажурирање од компанијата за интеренет безбедност Crowdstrike го поремети глобалниот компјутерски систем денеска, пишува Wired.

Банки, аеродроми, ТВ станици, хотели и безброј други бизниси денес се соочуваа со компјутерски проблеми поради што беа откажани многу летови, но и многу трансакции беа оневозможени откако компјутери кои имаат Виндоус покажаа грешка низ целиот свет.

Уште рано утрото, компании во Австралија кои работат на овој оперативен систем почнаа да покажуваат „Син екран на смртта“ (Blue screen of Death). Потоа такви поплаки заопчнаа да стигнуваат од целиот свет, при што дури и ТВ станицата Скај Њуз во Велика Британија беше оневозможена да емитува програма.

Широкораспространетите потешкотии се поврзани со ажурирање на софтвер од гигантот за интернет безбедност Crowdstrike. Според првичните информации не станува збор за никаков напад или опасност по безбедноста. Инженерите од компанијата објавија на социјалните мрежи дека работат на проблемот, а понудија и начини како истиот да се надмине.

Прочитајте и:  Мајкрософт лансира десктоп компјутер од 349 долари со Windows 11

Инцидентот, за сега, влијае само врз уредите кои користат Виндоус и не ги зафаќа останатите оперативни системи.  Од Мајкрософт известија дека основниот проблем е решен, но се уште не се знае кога сите уреди кои беа зафатени од проблемот ќе бидат повторно активни. Најголемиот предизвик е што решението за проблемот нема да може да биде едноставно испратено како ажурирање, бидејќи повеќето уреди кои се соочија со проблемот не може да бидат вклучени.

Тоа што е сигурно е дека овој инцидент ќе резултира со милиони во загуби од организации и компании кои мораа да ги прекинат нивните операции.

Според некои експерти за компјутерска безбедност ова е најголемиот случај на глобален компјутерски дефект досега, а многумина го споредуваат и со тоа што се претпоставуваше дека ќе се случи со Y2K.

По банките во Австралија, проблемот први почнаа да го пријавуваат авиокомпаниите, кои имаа проблеми со издавањето на карти за летовите, поради што многу летови утрово беа откажани или одложени. Со проблеми се соочи и Лондонската берза, како и многу сервиси за итни случаи во САД.

Сепак, по првичните затворања на аеродромите, неколку часа по појавувањето на проблемите повеќето аеродроми и авиокомпании продолжија со летовите, но чекирањето на патниците се организираше на алтернативни начини.

Проблеми имаа и железничките системи во Велика Британија и САД, како и системот за здравствена заштита во Велика Британија, поради што и многу лекарски прегледи морало да бидат одложени.

- Реклама -