Главната воена адвокатка на Израел, генерал-мајор Јифат Томер-Јерушалми, ги предупреди командантите за незаконски дејствија на војниците во Појасот Газа.
„Наидовме на случаи на неприфатливо однесување што отстапува од вредностите на ИДФ (Израелските одбранбени сили)“, напиша таа во порака.
Како примери, наведе „несоодветни изјави кои поттикнуваат неприфатлив феномен, неоправдана употреба на сила, вклучително и (сила) врз затворениците, кражба, што вклучува одземање приватен имот за неоперативни цели и уништување на цивилен имот спротивно на протоколите“, пренесоа израелските медиуми.
Дополнително, таа оцени дека некои инциденти излегуваат надвор од дисциплинскиот домен и преминуваат во криминал.
„Тие дела и изјави, дела на поединци кои не го претставуваат колективот, се спротивни на ИДФ како професионална, морална и достоинствена армија и немаат место во неа“, вели Томер-Јерушалми.
Таа, исто така, рече дека таквите дела предизвикуваат стратешка штета на државата Израел на меѓународната сцена.
Во тек се истраги, по што ќе се одлучува дали треба да се преземат дисциплински или кривични мерки.
На предупредувањето на адвокатката претходеше порака на началникот на Генералштабот на Израел, генерал-потполковник Херзи Халеви, кој испрати предупредување до војниците дека армијата не е во убиствен поход, дека не дејствува од одмазда, ниту врши геноцид во Газа во војната против Хамас која трае повеќе од четири месеци.