Париското трио „Готан проџект“ со нивната уникатна музичка визија, инспирирана од тангото и електро звукот, вечерва во Универзална сала го отвораат шестото издание на „Оф фест“.
Париското трио „Готан проџект“ со нивната уникатна музичка визија, инспирирана од тангото и електро звукот, вечерва во Универзална сала го отвораат шестото издание на „Оф фест“.
Аргентинското танго во електронски аранжман е главната карактеристика на најновиот албум на „Готан проџект“, насловен „Лунатико“. Организаторот на „Оф фест“, Скопски џез фестивал, вечерашниот настап на „Готан Проџект“ го најавува како спектакуларен аудио визуелен перформанс.
Триото е засилено со група гудачи и женски вокал, вкупно десетина музичари. Тие вчера вечер настапиле на фестивалот на Ворлд мјузик „Друга годба“ во Љубљана, кој соработува со „Оф фест“.
„Готан проџект“ прв пат во Скопје гостуваа 2002 година на Скопскиот џез фестивал, кога го промовираа нивниот прв албум од 2001 година и ја воодушевија македонската публика.
Новиот албум „Лунатико“ е насловен според шампионскиот тркачки коњ на танго херојот Карлос Гардел од 30-тите години, снимен е во Париз и Буенос Аирес во студиото на славниот Астор Пјацола, под чие влијание ја создаваат својата музика.
„Готан проџект“ се на европска турнеја и строго ја чуваат ексклузивноста на своето шоу. Не дозволуваат снимање и фотографирање, само со публиката во салата ќе ја споделат својата визија.