Ѓорѓиевски: Добро е да постои механизам за предвремено отповикување на градоначалник, би го прифатил предизвикот за градоначалник на Скопје

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски во дебата на ТВ21 изјави дека во ЗЕЛС се составува тим од градоначалници и правници, кои ќе изготват предлог законски измени и ќе ги достават до Министерството за локална самоуправа кои би го предложиле до законодавниот дом, со цел да се создаде механизам за отповикување на градоначалник кој не е во функција на граѓаните.

-Градоначалниците имаат голема моќ и освен на избори не можат да бидат променети. Таква е состојбата со градоначалничката на Скопје и со некои други. Факт е дека треба да има законски контролен механизам, отчетност пред граѓаните и секој градоначалник кога ќе стапи на функцијата треба да биде свесен дека би можел пред време да биде променет, истакна претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски во дебатата Клик плус на ТВ21.

Ѓорѓиевски додаде дека исто така се подготвуваат законски измени за одземање на надлежности доколку одреден градоначалник не ја обавува својата работи за која што е избран од страна за граѓаните или доколку го загрозува колективниот интерес.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, во вечерашното гостување во емисијата ,,Клик плус” на ТВ21, запрашан за можноста да биде следниот градоначалник на Скопје бидејќи неговото име кружи во јавноста, рече дека не ја исклучува можноста за тоа и би го прифатил тој предизвик.

– Ако одлучи мојата политичка партија и телата на партијата,  но и граѓаните, од она што е евидентно мислам дека имаме одлична реализација на проектите досега а имам и сериозна поддршка од моите сограѓани.

Би го прифатил тој предизвик, секако и мислам дека би бил човек кој што би ги решил проблемите што  ги има нашиот град. – рече Ѓорѓиевски.

 

- Реклама -