Гитарата што „битлсот“ Џорџ Харисон ја купил како тинејџер за 58 фунти е продадена на аукција за повеќе од милион фунти.
Електричната гитара „ Futurama“ гитаристот на легендарната четворка ја купил во 1959 година во Ливерпул како 16-годишен електричар и била платена на 44 рати со помош на неговата мајка.
На аукција беше ставена во средата во Нешвил, во американската сојузна држава Тенеси, и е продадена за 1,27 милиони долари, двојно повеќе од сумата на којашто беше проценувана.
Мартин Нолан, управен директор на аукциската куќа Julien’s Auctions, рече дека е урнат рекордот за најскапа гитара на Џорџ Харисон некогаш продадена.
„Култната гитара Futurama на Харисон, една од најважните во историјата на рокенролот и клучна за звукот на битлсите, повторно беше дел од историјата на денешната аукција“, нагласи тој.
„Ние сме повеќе од среќни што сега го додаваме во клубот на Julien’s Auctions од милиони долари, заедно со оние на Џон Ленон, Ерик Клептон и Курт Кобејн“, додаде Нолан.
На почетокот од годинава, оваа аукциска куќа ја продаде акустичната гитара на фронтменот на ливепрулската четворка Џон Ленон – „Hootenanny“ за три милиона долари, а претходно уште една негова акустична гитара за 2,4 милиони долари.