Гир: Гледаме случувања кои не одат кон исполнување на стандардите за евроинтеграциите

Владеењето на правото е суштествено за евроинтегративните процеси на земјата, порача денеска уште еднаш евроамбасадорот Дејвид Гир, во одговор на новинарско прашање за последните случувања во Судскиот совет.

Владеењето на правото, потенцираше тој, подразбира развој на независно и професионално судство и јавно обвинителство кое ги вклучува највисоките стандарди.

„Последните неколку недели и месеци гледаме случувања кои не одат во правец кој ние во Европската унија го очекуваме, во правец на исполнување на стандардите кои се потребни за европските интеграции на вашата земја“, рече Гир.

Тој додаде дека не постои скратен пат кој ќе доведе до спроведување на реформите кои се поврзани со владеењето на правото.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Ние очекуваме процесот на реформи да продолжи на одлучен начин понатаму, затоа што тоа е единствениот пат по кој оваа земја може да стане членка на ЕУ и пред сѐ тоа е во интерес на граѓаните“, рече Гир.

Тој ги увери граѓаните дека ЕУ внимателно ќе ги следи сите случувања поврзани со владеењето на правото, и тоа од првиот ден на пристапниот процес, па сѐ до последниот ден кога земјата ќе стане членка на ЕУ.

Извор: МИА

- Реклама -