Граѓаните раскарани, мафијата обединета, а другарчињата ќе терале кампања!?
Пишува Бранко Героски, за „Плусинфо“
Претпоставувам дека нема потреба да ве убедувам во она што и самите добро го знаете – голем дел од граѓаните на Македонија се длабоко разочарани од нерешителноста и од отсуството на волја на владата на Зоран Заев да спроведе коренити системски реформи во правосудството и да се справи со криминалот и корупцијата во која се вмешани луѓе и од претходната, но и од сегашната владејачка гарнитура. Јасно е како бел ден дека не постои спремност ниту да се создаде одржлива правна рамка за ефикасно гонење на криминалот и на високата корупција, ниту да се поведе одлучна акција за спроведување на правдата во рамките на постоечките закони и правни процедури. Наместо тоа, упорно се форсираат еден веќе прочитан правен и политички волунтаризам и силната желба по секоја цена, во името на божемната „борба против криминалот“, да се дисквалификува опозицијата пред претстојните парламентарни избори.
По избивањето на аферата „Рекет“, стана совршено јасно зошто оваа власт го наметна тој дискурс – затоа што важни личности од политичкиот естаблишмент биле вмешани во криминалот и во високата корупција, а владејачката партија упорно се обидува да ги скрие и политички да ги заштити. Тоа внесува силен немир кај сите граѓани и посебно револт токму кај луѓето што ја поддржаа револуционерната промена на режимот на Никола Груевски водејќи се од паролата „нема правда, нема мир“. Дополнително, разочарувањето на народот фрли сенка и врз позитивните достигнувања на оваа власт, кои не се за потценување и кои ги спомнував во неколку наврати.
Граѓаните на Македонија денес не се расположени да слушаат за никакви и ничии успеси, зашто се под импресија на една страшна вистина што ја видоа со своите очи – во Македонија не постојат две или повеќе мафии, туку постои една единствена мафија, која владее со државата. Или, да бидам попрецизен, постои една група луѓе која, како некаква мафијашка комисија, ги усогласува интересите на разните мафијашки групи, без оглед што многу од нив се со различен политички бекграунд. Народот е разединет и раскаран како никогаш досега, но затоа мафијашките групи се цврсто обединети и солидно координирани… Целата колумна прочитајте ја ТУКА.