Германија ќе казнува за користење на буквата „Z“ во контекст на руската агресија

Истакнување на буквата „Z“ од страна на поединци во знак на поддршка за руската инвазија во Украина, во Германија може да се третира како кривично дело, изјави денеска портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи, пренесе МИА.

„Буквата ‘Z’, како таква, се разбира, не е забранета, но нејзината употреба во поединечни случаи може да претставува одобрување на руската воена агресија“, појасни портпаролот.

Буквата „Z“ прерасна во симбол за руската „специјална воена операција“ во Украина откако со неа беа одбележани најголемиот дел од воените возила на руските сили кои ја нападнаа земјата. Додека поддржувачите на инвазијата и на рускиот претседател Владимир Путин ја истакнуваат (на протести, на своите возила, итн…) во знак на поддршка за руските сили, за голем дел од оние кои се згрозени од агресијата на Русија буквата „Z“ претставува симбол на воени злосторства и еквивалент на свастиката од Втората светска војна.

Прочитајте и:  Калас: ЕУ мора да ја поддржи Украина колку што е потребно

„Руската агресивна војна врз Украина е криминален чин и оној кој јавно ја одобрува таа агресивна војна, може да биде кривично гонет“, категоричен беше портпаролот на германското МВР.

Претходно и министерот за внатрешни работи на покраината Берлин изјави дека градските власти ќе се осврнат на случаите кога симболот „Z“ се користи за поддршка на агресијата на Русија, по најавите на Баварија и Долна Саксонија дека и тие ќе ги казнат таквите дела.

- Реклама -