Германија, Франција и САД со остра осуда за изјавите на израелските министри за иселувањето на Палестинците од Газа

Германија, Франција и САД остро ги критикуваа повиците на двајца израелски министри за Палестинците да се иселат од Газа.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Себастијан Фишер, денеска изјави дека Берлин, близок сојузник на Израел, „најостро“ ги отфрла изјавите на министрите Безалел Смотрич и Итамар Бен Гвир, кои „не се од помош“.

Тој го подвлече ставот на Германија и нејзините сојузници од „Групата седум“ (Г7) дека „не смее да има протерување на Палестинците од Газа или територијално намалување на Појасот Газа“.

„Берлин е за решение по моделот за две држави – палестинска со Израел, што и натаму е единствениот остварлив модел за Израелците и Палестинците да живеат заедно во мир“, рече Фишер.

Францускиот претседател Емануел Макрон го предупреди Израел „да не ни помислува“ насилно да ги исели жителите на Газа.

Прочитајте и:  ХРВ: Принудното раселување на населението од Појасот Газа е воено злосторство

Во телефонски разговор со Бени Ганц, член на воениот кабинет на Израел, Макрон рече дека таквите изјави се неприфатливи и спротивни на решението по моделот за две држави, кое е единственото одржливо решение за враќање на мирот и безбедноста за сите, соопшти неговиот кабинет.

Макрон предупреди на ризикот од ширење на конфликтот, велејќи дека е „суштинско да се избегне каква било ескалација, особено во Либан“. 

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден се огласи и во врска со коментарите на двајца екстремно десничарски израелски министри.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, во изјавата ги нарече нивните изјави „запаливи и неодговорни“.

МИА

- Реклама -