Гепардите се пред исчезнување

Гепардите како животински вид брзо одат кон исчезнување, покажува новата студија. Забележано е сериозно намалување на бројот на овие животни.

Се проценува дека денес околу 7.100 гепарди живеат во дивината ширум Африка и на мала површина во Иран. Се смета дека ширењето на луѓето го има истиснато овој предатор – кој преферира да се движи по големи пространства, од 91% од неговото историско живеалиште.

Затоа, авторите на студијата повикуваат гепардот да се стави на листата на загрозени видови, а не како досега – на листата на „чувствителни“ видови.

„Ова сега е навистина пресуден период за видовите како што е гепардот, на кои им се потребни тие големи површини“, вели Сара Дурант – специјалист за гепарди од зоолошкото друштво од Лондон и водечки автор на студијата објавена во специјализираното списание Proceedings of the National Academy of Sciences. 

Околу 77% од живеалиштата на гепардите се надвор од резерватите и другите заштитени зони, се наведува во студијата, заради што е потребно владите и локалните власти да промовираат толеранција за овој предатор кој по некогаш знае да лови и домашна стока.

Според наодите на истражувањето, повеќе од половина гепарди на светот живеат на територија на шест земји во Јужна Африка. Скоро и да се исчезнати во Азија. Единствено една мала група од помалку од 50 гепарди и понатаму живее во Иран.

Во Зимбабве, за само 16 години, популацијата на гепарди паднала од околу 1.200 на само 170 животни. За главни причини се сметаат промените во самата земја.

Бебе гепард.

Дополнителна „сопка“ за овие животни е илегалната трговија со младенчиња која цвета заради побарувачката во земјите од Персискиот залив. Младенчињата достигнуваат цена и до 10.000 долари на црниот пазар. Според Фондот за заштита на гепардите, околу 1.200 гепарди-младенчиња се прошверцувани од Африка во последните 10 години, а околу 85% од нив угинуваат токму како последица на таквото илегално „патување“.

За долгорочно да го зачуваме овој животински вид и гепардите да опстанат, потребни се итни мерки за решавање на најголемите проблеми – а тоа се заштитени зони и подрачја на движење, се вели во студијата.

- Реклама -