ВМРО-Народна на Љубчо Георгиевски со загриженост ги следи ирационалните образложенија на Бугарија со кои нашата источна соседка го оправдува својот, како што велат од партијата, „катастрофален чекор со ставањето вето на европската перспектива на Македонија, и тоа со максимална ескалација на негативните односи помеѓу двете држави“.
Како едно од таквите образложенија од ВМРО-Народна го посочуваат и денешниот одговор на бугарското МНР за софискиот весник „Труд“, во кој, практично, се порачува дека отстапување од позицијата на Бугарија, односно давањето зелено светло за интеграцијата на земјава во ЕУ, ќе претставувало предавство кон оние 88.450 граѓани на Македонија кои имаат и бугарско државјанство.
„ВМРО-Народна партија во своите редови има голем број на членови кои покрај тоа што поседуваат бугарско државјанство на попис се изјаснуваат и како македонски бугари.
Фактите го зборуваат токму спротивното – дека додека трае овој спор ниту еден македонски граѓанин што поседува бугарски пасош, се декларира за македонски бугарин или пак едноставно декларирал пријателство кон Бугарија, нема кажано никаков позитивен збор за бугарското вето, напротив сите тие се чувствуваат загрозени дека оваа кратковида политика која што доаѓа од Бугарија ја загрозува иднината на нивните семејства и нивните блиски.
Кристално јасно е дека ветото може да има само внатрешно оправдување во соседна Бугарија и тоа вето не коренсподира ниту пак е одобрено врз основа на интересот на ниту еден граѓанин на Македонија“, порачуваат од партијата на Георгиевски.