„Чудна работа плукачи колку сакаш! А досега ниту еден патриотски новинар или тандем на новинари не ме покани да ме распарчи во јавна дебата. А со задоволство би прифатил и доктор на науки по историја. Па еве ви кукавици отворена понуда за дуел“, пишува лидерот на ВМРО – Народна партија, Љубчо Георгиевски, на Фејсбук, по силните критики на негова сметка откако презентираше свој „предлог, патна карта, акциски план“ за излез од „ќор-сокакот со Бугарија и понатамошната ескалација во меѓусебните односи“.
Предизвикот од Георгиевски доаѓа откако вчера од СДСМ се оградија од неговите предлози, оценувајќи ги како лични ставови. Денеска, пак, премиерот Зоран Заев откри дека лично разговарал со Георгиевски и му објаснил дека искажаните негови ставови не можат да бидат ставови на Владата и на владејачката коалиција, а дека Георгиевски „тоа го разбрал“.