Кандидатот на екстремната десница на претседателските избори во Романија, Калин Георгеску денеска изјави дека ако победи на изборите, ќе се спротивстави на тоа Украина да извезува житарици преку Романија и Букурешт да испраќа воена помош за Киев.
„Како да се согласам со сето тоа, тоа е невозможно. Романија и романскиот народ се на прво место. Незамисливо е покрај нас да имаме војна сред Европа, така што приоритет секако ќе биде веднаш да се запре војната во Украина“, рече Георгеску.
Прашан дали ја поддржува обврската кон НАТО, Романија годишно да троши два отсто од својот буџет за одбрана, што е став на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, тој рече: „Ова е ултра секундарно, дури и не ме интересира. ”
„Романскиот народ се грижи за тоа да биде среќен. Тие не можат да бидат среќни ако трошат пари на други работи. Ако НАТО е одбранбен сојуз, тогаш треба да остане таков. Верувам дека Романија нема обврска кон никого“, рече Георгеску.