На денешен ден пред точно 60 години е роден Лиам Брејди.
Повеќето сигурно знаат дека легендарниот Лиам Брејди беше познат и како Чипи (Chippy), но малкумина знаат од каде всушност доаѓа тој прекар. Повеќето мислат дека прекарот доаѓа од неговата способност да дава прецизни пасови и голови со лоб, но всушност тоа воопшто не е точно. Чипи го добил прекарот од страна на Дон Хоу едноставно поради фактот што обожавал да јаде пржени компирчиња.
Лиам Брејди имаше сѐ што можеше да посака еден играч од средината на теренот – техника, визија, урамнотеженост, снажност, моќен удар и способност со леснотија да ги минува противниците. Тој важеше за играч кој секогаш ја одбира вистинската опција. На фудбалскиот терен, мозокот и нозете на Брејди функционираа во совршена хармонија. Низ годините, многу играчи во Англија го понеле епитетот „играчи од светска класа“, многупати и неоправдано, но тој епитет како да беше создаден за Лиам Брејди, човекот со можеби најдобрата лева нога во историјата на фудбалот.
Лиам Брејди е роден во Даблин, 1956 година. Како 15-годишно момче го забележал скаут на Арсенал, кој инсистирал да го доведат во клубот и истакнал дека момчето „има лева нога која буквално може да зборува“. Во 1973 младиот Лиам го потпишува својот прв професионален договор за Арсенал, а подоцна истата година го има и своето деби во првиот состав, на само 17-годишна возраст.
Брејди не беше играч кој ја користеше само едната нога. Тоа го открија сите дефанзивци кои играа против него и се обидуваа да го наведат да ја користи „послабата нога“. Тој можеше совршено да ја нафрли и додаде топката и со десната нога. Но неговата лева нога беше толку добра, толку совршена, што веројатно му било бесмислено да ја користи другата.
Редовно почна да игра за првиот состав во сезоната 1974/1975 година, а истата година ќе го одигра и својот прв натпревар за репрезентацијата на Ирска. Не му требаше долго за да стане вистински миленик на публиката. Во време кога приматот „тотален фудбал“ им припаѓаше на Холанѓаните, Арсенал во Брејди го доби својот „тотален фудбалер. Чипи можеби делуваше малку слабичко, но тој беше многу силен и неговите противници се мачеа да го оттурнат од топката.
Еден можеби најомилен момент кај навивачите е неговиот гол 1978 година против Тотенхем. Чипи со лизгачки старт ја краде топката од противникот во близина на шеснаесетникот и потоа со само еден допир на топката испраќа силен шут со левата нога и топката завршува во самиот агол на противничкиот гол и сите ги остава без зборови вклучувајќи го и коментаторот: „Брејди прекрасно ја краде топката. Ах, погледнете го само ова. Погледнете го! Каков гол на Брејди! Неверојатно!“ Голот подоцна беше прогласен за гол на сезоната.
Веројатно натпреварот кој многумина најмногу го паметат е финалето во ФА купот 1878/79, натпревар познат како „Финалето на Брејди“. Зошто? Затоа што тоа е единствениот трофеј што Брејди го има освоено со Арсенал. А веројатно не постои играч на Арсенал кој заслужил трофеи повеќе од Чипи. Арсенал водеше 2:0, но успеа да ја прокоцка предноста и Јунајтед израмнија. Брејди подоцна самиот напиша дека во тој миг можел да го види разочарувањето на лицата на сите, дека сите изгледале како веќе да го загубиле натпреварот. „Повторно ја зезнавме. По вториот гол на Јунајтед, ја изведовме топката и веднаш ја загубивме, но веднаш потоа и успеавме да ја вратиме назад. Нелсон му ја додаде на Стаплтон, кој ми ја даде мене. Низ главата ми помина мисла дека треба да се обидам да ја донесам топката што е можно поблиску до гол-аут линијата на нивната страна, затоа што на тој начин ќе успееме да потрошиме малку време и тие нема да можат да нападнат кон нашиот гол. Ќе ми олеснеше ако натпреварот одеше во продолженија. Но како што тргнав напред, почнав да забележувам дека има празен простор пред мене и продолжив да трчам. Одеднаш Рикс со сета сила трчаше покрај мене и јас му ја додадов топката. Тој упати одличен центаршут, доволно добар да го повлече голманот да истрча по топката, но не доволно близу за тој да може да ја фати топката. Голманот ја одби топката, а Сандерленд беше на вистинското место и ја смести во голот“.Останатото е, како што велат, – историја.
Сепак, самиот Чипи за свои најдобри настапи во дресот на Арсенал ги смета натпреварите против Јувентус, во полуфиналето на Европскиот куп на победниците на куповите. Брејди беше незапирлив против Јувентус, што всушност максимално ги исфрустрира противничките играчи и сета нивна тактика се сведе на обиди да го фаулираат и да го исфрлат од теренот. Речиси комплетниот аутсајдер Арсенал, успеа да го порази фаворитот Јувентус и да избори место во финалето што ќе се испостави дека ќе биде и последен натпревар на Брејди во дресот на Арсенал. Навивачите сигурно не би сакале да го запаметат по тоа, затоа што Брејди промаши пенал во финалето, кое Арсенал го загуби од Валенсија. Токму ова натпреварување беше причината за неговиот трансфер. Јувентус, воодушевени од играта на Чипи беа решени да го доведат во своите редови. Летото 1980 година, Брејди замина во Јувентус, за сума малку поголема од 500 илјади фунти, сума која реално не беше доволна да се продаде неговата десна копачка, а камо ли пак левата.
Навивачите беа разочарани, но јасно им беше дека на Чипи му треба нов предизвик и дека заслужува повеќе. Брејди мина две години во Јувентус, каде двапати успеа да ја освои италијанската лига. Во последниот натпревар од сезоната 1981/82, тој постига два гола, од кои едиот од пенал, со што повторно им ја донесе титулата на Јувентус. Сигурно бил многу разочаран кога следната сезона, поради правилата кои дозволуваа само двајца играчи од странство, беше заменет со Платини. Брејди мина уште 5 години во Италија, во екипите на Сампдорија, Интер и Асколи, за во 1987 година да се врати во Англија каде мина три години во Вест Хем. Летото 1990 Чипи се повлече од фудбалот.
Откако се пензионираше, Брејди се испроба и како менаџер, најпрво со Селтик, а потоа и со Брајтон, но и двата обиди не се покажаа како многу успешни. Веројатно големо влијание имаше и фактот што и двата клуба во тоа време имаа големи финансиски проблеми.
Некое време Брејди работеше и за ирската телевизија РТЕ, како кокоментатор и аналитичар на фудбалските натпревари, позиција која ја напушти откако во 2008 стана помошник менаџер на Џовани Трапатони во репрезентацијата на Република Ирска, каде мина две години.
Веќе подолго време Чипи соработува со Арсенал. Тој се враќа во клубот уште во 1996 година, кога почнува да работи како Директор на младинската школа. Под негово водство младинците на Арсенал ќе освојат неколку трофеи во неколку различни младински категории. Последниот поважен трофеј е оној во ФА купот сезоната 2008/09, генерација која донесе неколку фудбалери кои имаат забележано настапи за првиот состав, вклучувајќи го и Џек Вилшир, играч кој е често споредуван со легендарниот Брејди. Минатата зима клубот објави дека Брејди ќе ја напушти позицијата во мај 2014 година.
За крај, написот сакам да го завршам со еден извадок од романот „Стадионска треска“ на Ник Хорнби:
„Лиам Брејди беше еден од најдобрите двајца или тројца додавачи на топката во изминатите 20 години и тоа самото по себе беше причина да биде нашироко ценет од страна на сите навивачи на Арсенал, но за мене постоеше нешто повеќе. Јас го обожавав затоа што беше одличен и го обожавав затоа што тој беше Арсенал од глава до пети (исто како и Чарли Џорџ и тој беше производ на младинската академија), но имаше и трета причина исто така. Тој беше интелигентен. Неговата интелигенција се манифестираше главно преку неговите додавања, кои беа проникливи, креативни и постојано изненадуваа…
Токму таа интелигенција кај играчите од средниот ред се ценеше во тоа време. Погледнете ги само придавките кои ги употребуваа за да опишат еден играч од средниот ред: елегантен, самосвесен, суптилен, софистициран, лукав, визионер… ова се зборови кои би можеле да опишат еден поет, режисер или пак уметник. Како вистински надарениот фудбалер да е предобар за своето милје и како да мора да биде поставен на едно подруго, повисоко ниво“.
Напиша: Диана Николовска (Арсенал Македонија)