Генерал Сирски ја предупреди Русија: Не очекувајте „прошетка низ парк“, ќе се бориме до последен здив за секоја педа

Киев, 10 февруари 2022 (МИА) – Инвазијата на Украина не би била „прошетка во парк“ за Русија, бидејќи украинските војници ќе се борат до последен здив за секој метар земја, изјави командантот на украинските копнени сили, генерал Олександар Сирски, пренесен од „Скај њуз“.

Генералот денеска кажа дека неговите војници ќе почнат серија воени вежби на северот на Украина, во близина на границата со Белорусија, каде руските и белоруските сили, од друга страна, изведуваат голема заедничка воена вежба.

Сирски истакна дека украинските војници ќе вршат обука и на југот на земјата. Вежбите ќе опфатат тестирање на новото оружје од САД и Обединетото Кралство, како и обука за одбивање воздушни напади.

Тоа е дел од напорите да се одврати рускиот претседател Владимир Путин да нареди напад врз Украина, откако собра повеќе од 100.000 војници во близина на украинската граница.

Прочитајте и:  Сијарто: Нападите на руска територија повлекуваат ризик од сериозна ескалација на конфликтот

За руските војници сконцентирани во соседството, генералот Сирски само кажа дека „вооружените сили на Украина се подготвени. Ние сме способни и без борба нема да се откажеме од ниту еден метар украинска земја. Ова нема да биде обична прошетка во парк, доколку одлучат да извршат целосна инвазија. Ова е предупредување. Ќе се бориме до последен здив за секој метар украинска земја. Верувам во украинските војници. Верувам во нашите вооружени сили и верувам во нашата победа”.

Генералот, инаку ветеран од осумгодишната војна меѓу Украина и Русија, денеска кажа дека сегашниот број на руски сили околу границите на неговата земја е околу 120.000 војници или околу 140.000 ако се вклучат морнарицата и воздухопловните сили.

- Реклама -