Ѓаволот што ја прошета Англија

TheDevil-self-titled-album

Пред век и пол, на 8 февруари 1855, се случи чуден настан за кој и ден денес нема одговор.

Жителите на двете страни на реката Ексе, во Девон, Англија, се разбудија со тазе ненагазен снег… Поточно, скоро ненагазен, затоа што на некои необични места имаше необични траги, кои тогаш ги нарекоа „отпечатоци од вештерки“.

Не беа тоа траги од коњ или од елен. Не, овие беа поставени во права линија, како буквално да минувале низ стогови сено, низ ѕидови, преку реката и најнеобјасниво од сé, преку крововите на куќите – трагите престануваа кај олуците на базата на кровот и продолжуваа веднаш долу на земјата. Во Times, отпечатоците од стапалките беа опишани како траги од нешто што веројатно оди на две нозе, а не на четири. Секоја од стапките беше 20-тина сантиметри пред другата, а по големина наликуваа на потковица од магаре.

Прошетката на Ѓаволот

Не беше ни чудно што таквиот опис изроди верување кај многу од локалните дека тоа се трагите на Сатаната лично, кој, по нивно мислење, талкал по градчето во потрага по грешници. Многумина беа преплашени, до степен што избегнуваа да излегуваат од дома, особено што на некои места стапките изгледаа како да одеа од врата до врата.

Фактот што прилично наврнатиот снег беше тотално расчистен на местата на стапките, оддаваше впечаток како некој да го топел, па луѓето веднаш го сфатија тоа како потврда дека се работи за Рогатиот (Ѓаволот, Сатаната, или како веќе и да го нарекуваат), кој има копита наместо стапала и целиот е обвиен во пламен.

goat_devil_by_emonteon[1]

Балон

Многу теории се обидоа да го објаснат феноменот, а една од најприфатените беше онаа дека пристаништето Девонпорт пуштило експериментален балон по грешка, па балонот пропатувал низ областа влечејќи ги синџирите за закотвување. Многумина се противеа на таквата идеја, бидејќи не им беше логичен произволниот курс на движење на балонот, а аргументираа и дека ако се работело за балон со откачени синџири, било право чудо што тие синџири никаде се немале закачено.

Кој ѓавол ли е ова животно?

Најголемиот дел од другите теории се одвиваат околу животни. Најбизарната е онаа дека кенгур избегал од приватната зоолошка. Биолозите и натуралистите брзо ја отфрлија таквата идеја, а еден од нив предложи дека трагите биле од јазовец, бидејќи јазовците одат така што газат со задните нозе таму каде што згазиле со предните – оттаму и трагите делувале како да се од двоножно животно.

Сепак, најголемиот проблем во целата ситуација е што отпечатоците не биле фотографирани и биле препишувани на ова или она животно без ниту еден од натуралистите да ги види, чисто врз база на сведочењата и описите. Еден неименуван експерт за животни, пак, се побунил на идејата дека трагите се направени од некакво животно, бидеќи ниту едно животно не би одело по права линија толку долго.

Дел од научниците, пак, теоретизираа дека ова било производ на начинот на кој паѓал и замрзнувал дождот, но такво нешто никогаш повторно се нема случено, па ефектот што научниците го предлагале никогаш не е рекреиран.

Мистеријата по сé изгледа ќе остане – мистерија. Можеби ако повторно се случи и луѓето ја испосликаат со своите смартфони, научниците ќе дојдат до некаков логичен одговор. Додуша, ако тоа навистина бил Ѓаволот, па и не мора да знаеме баш сé.

- Реклама -