Гаши за Законот за бранители: Ингеренциите за свикување седница се само кај претседателката на Комисија за социјална политика

Претседателот на Собрание Африм Гаши нема да свика нова комисиска седница за Законот за бранители, посочувајќи дека ингеренциите се само кај претседателката на Комисија за социјална политика Илире Даути. Како што вели, тој лично не го крши Деловникот.

Гаши во изјава за Канал 5 најави дека за да се решат сите недоречености кои се злопотребуваат од страна на пратениците, ќе бара да се разгледуваат во собраниската комисија за деловнички прашања. Меѓу нив, и за Законот за бранители кој Илире Даути од „Европскиот фронт“ одбива да го стави на дневен ред.

-Деловникот во член 126 не вели дека „ако претседателот на комисијата одбива да стави конкретен закон“, туку „ако претседателот на комисијата не свика седница“. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата. Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку комисијата за деловнички прашања – тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот Деловник, вели Гаши.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја повтори поддршката за бранителите и рече дека претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути треба да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители. Истакна и дека со „Вреди“ не разговарале за законот.

Прочитајте и:  Таравари за Законот за бранителите: Сега не е моментот да се разговараат такви теми

-Не сме разговарале на таа тема, многу јасно сме го соопштиле нашиот став во минатото. Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка, изјави Мицкоски.

Министерот за здравство Арбен Таравари кој е од коалицијата „Вреди“ денеска, одговорајќи на новинарско прашање во врска со Законот за бранителите, рече дека сега не е моментот да се разговараат такви теми.

-Не знам зошто се драматизира Законот за бранителите. Ова е седми пат, Законот е донесен 2002 година, 2005, 2007, 2009, 2013, 2015 и сега мислам дека не е моментот да се разговараат такви теми. Таа точка сега за сега нема ни да се третира, нема ни да помогне. Ништо трагично, зошто толку драматизираат? Овие партии што се опозициски, посебно албански, сите имаат изгласано шест пати таков закон, така што мислам дека не е моментот за тоа да се разговара, одговори Таравари на прашањето дали со коалицијата ќе разговара за овој Закон.

Законот за бранители на предлог на пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска доби поддршка да се носи по скратена постапка во рамки на 14. собраниска седница.

- Реклама -