Пострашно од самиот пожар е процеcот на гасење. На прв поглед изгледа едноставно – сипи вода и готово. Во реалноста е сé освен тоа.
Видеово доаѓа од противпожарниот оддел на Салем, Орегон (САД), и демонстрира дел од можните сценарија при гасење на пожар во една куќа. Макетата е специјално дизајнирана од пожарникарот Фицпатрик, за да може визуелно да им ја објасни динамиката на вентилација на пожар во затворена структура на новите регрути.
Вентилирање на пожарот е речиси задолжителен чекор при контрола на пожар, особено кога има заробени лица кои треба да бидат спасени. Целта е да се контролира протокот на топлината и нус-продуктите (гасовите) од горењето, и да се насочат надвор од објектот. Тоа се постигнува со отварање на стратешки отвори – врати и прозори, а некогаш и рушење на ѕид, таван или кров. Секој објект е различен, и секое сценарио бара посебна стратегија. Дури и една врата може да се покаже како погрешна.
Една од тактиките за контрола на пожар е таканаречената „вертикална вентилација“. Клучен чекор при истата е создавање отвор на кровот на објектот. Тоа е најопасната тактика во противпожарната пракса и се користи само кога случајот наложува дека нема друго решение. Ваквата тактика драстично ја менува состојбата на терен – ако добро е испланирана, резултира со значително потиснување на огнот. Ако не е – води до експлозија на објектот или многу поголем пожар. Како што ќе видите на видеото, пресудниот момент знае да биде и самиот тајминг.
Очигледно, гасењето пожар не е многу поразлично од играње шах. Мора да ги повлечете правите потези по прав редослед и во право време. А за да го направат тоа, пред „да седнат да играат“, пожарникарите мораат да поседуваат комплетно познавање на динамиките на вентилација на пожар. Е затоа Фицпатрик ја има направено макетава.