Потпретседателот на фудбалскиот клуб Милан, Адриано Галиани, рекол дека во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампиони се видело колку Барселона се плаши од Милан.
„И синоќа и лани одигравме добро против Барселона. Едноставно, можеме рамноправно да се бориме против нив, тоа сум го истакнал неколку пати. Фудбалерите на Барселона нѐ почитуваат, но и кога велат дека се плашат од нас, верувајте ми ја кажуваат вистината“, рекол Галиани.
Милан на негов стадион ја победи Барселона со 2:0 во првиот меч од осминафиналето во ЛШ, а головите ги дадоа Кевин Принс Боатенг и Сули Мунтари.
Реваншот меѓу овие две екипи ќе се игра на 12 март на стадионот Ноу Камп.