Футуристичкиот автобус на Кина со месеци го блокира сообраќајот

Во мај 2016-та беше хит по интернет, а пишувавме за него и во август, кога го комплетираше првото тест возење. Зборуваме за футуристичкиот кинески автобус кој практично беше подигнат и се движеше над останатите учесници во сообраќајот со примарна цел да го намали сообраќајниот метеж по патиштата. Уште при самата најава малку беа скептиците, а светот го пречека со воодушевување. Но се чини дека во право биле овие првите.

Во август летото, Transit Elevated Bus (TEB) го комплетираше првото пробно возење на специјалната лента долга 300 метри, инсталирана во Џинхвангдао во Кина. Демонстрацијата уште повеќе ја зголеми надежта и кај медиумите, и кај јавноста. Но неколку дена по таа глобална вест, БиБиСи изрази сомневање околу исплатливоста и изводливоста на TEB, како и околу легитимноста на компанијата зад проектот. Според CNN Money, можно е целата работа да е само една детална приредба за јавноста (publicity stunt), фундирана од peer-to-peer финансиска шема (фундирање на компании или бизнис-поединци директно преку онлајн платформа – налик Kickstarter). Овие позајмителни шеми и платформи не се строго регулирани во Кина, и често водат кон измами.

Ситуацијата не влева надеж, најмалку за инвеститорите кои го фундираа проектот, особено откако еден локален новинар неодамна ја посети старата тест-локација. TEB Technology уште летото вети дека ќе ја отстранат специјалната лента пред да им истече „киријата“ на крајот на август, но оттогаш таа е обновена, а лентата и 22-метарскиот автобус сé уште се на истата локација, непипнати и дефинитивно не дистрибуирани за употреба. Не само што нема никаков евидентен прогрес, туку возачите во Џинхвангдао сега се приморани да маневрираат околу незгодната блокада, што е уште поиронично со оглед на тоа дека таа „блокада“ беше специјално дизајнирана токму за да овозможи непречен проток на сообраќајот.

Од TEB Technology уште не се изјасниле официјално околу иднината на нивниот автобус, но по сé изгледа дека Transit Elevated Bus попрво ќе заврши како поучна, а не како успешна приказна.

https://youtu.be/JS3ULbv2B0Q

- Реклама -