Фулам и Зенит во трка по Аршавин

Челниците на Фулам и на Зенит веќе стапија во контакт со раководството на Арсенал и наскоро ќе стартуваат преговори околу евентуалниот ангажман на Андреј Аршавин.

Договорот на рускиот голгетер со „Топчиите“ истекува на крајот од сезонава, тој нема да биде продолжен, па лондонскиот клуб ќе се обиде во јануари да го продаде овој фудбалер и да врати барем дел од 17-те милиони фунти што ги плати за неговите услуги во јануари 2009 година.

Англиските медиуми објавија дека сумата што Арсен Венгер ќе ја бара за овој фудбалер ќе изнесува пет милиони фунти, отштета што се подготвени да ја платат и Фулам и Зенит.

За очекување е двата клуба да водат жестока трка за ангажман на Аршавин, а на крајот како пресудна ќе се покаже желбата на фудбалерот, дали да продолжи да настапува во Премиер лигата, или пак да се врати во Русија, во клубот каде што се лансираше како дел од светската елита.

Од финансиските аспект, Зенит е во голема предност бидејќи Фулам не им нуди на своите фудбалери плата повисока од 50.000 фунти неделно, додека рускиот клуб е подготвен да му даде на Аршавин двојно повеќе за да се врати во овој тим.

- Реклама -