Фудбалскиот принц кој го дофати врвот, но заврши во лудница

20120203175346987380i[1]

29 јуни 1958 година. Во тесната и задушлива просторија за посети во психијатриската клиника во бразилскиот град Барбасена, пациентите и персоналот се седнати заедно околу радио-апаратот во средина на собата.

„Пелеееее! Пеле! Пеле успеа! Бразил е шампион!“, хистерично вреска коментаторот од далечната Шведска, каде „Селесао“ ја спечали првата светска титула.

Среде сеопштата радост се издвојува еден мрачен пациент. Збрчкан маж со тежина од околу 40 килограми и со изглед како да е на возраст од околу 70 години. Стуткан во далечниот агол на собата, почнува да вади некакви исечоци од весници, а на последниот сигнал методично ги бута во устата и се обидува да ги проголта. Се вика Елено де Фреиташ, а на самите исечоци е токму тој, застанат меѓу редовите на Ботафого и националниот тим, за кој постигна 19 гола во 18 натпревари. Многумина го сметаат за поталентиран дури и од Пеле.

Макар што изгледа како изнемоштен старец, тој нема наполнето ниту 40 години. Тивко и безнадежно гние во ова место заборавено од бога, покосен од неизлечива болест.

Елено се раѓа во богато семејство – татко му извезува кафе, поседува печатница и неколку магацини. Синот е солиден ученик, идол му е Достоевски, а обожава да слуша џез. Сепак, најмногу од сé – го сака фудбалот. Токму заради него не дипломира како правник на еден престижен универзитет.

Омилената занимација му е да прави финти и да жонглира со два портокали истовремено. За време на едно такво шоу некаде по бразилската плажа, Елено е забележан од претставник на Флуминензе и му се придружува на  клубот на 17 години. Не одигрува ниту една минута за првиот тим и преминува во Ботафого.

„Не сум сретнал друг фудбалер кој така добро ја разбира играта и истовремено има неверојатна техника и брзина“,се сеќава легендата на Ботафого – Женињо. „Во еден натпревар против Фламенго направи нешто вонземско – ја смири топката на гради свртен со грбот кон голот, ја помина целата одбрана без да ја остави топката на падне и елегантно ја смести во голот. Вистинска магија!“.

За 9 сезони во Ботафого, Де Фреиташ постигнува 209 гола во 235 натпревари, со што е четврти во клупската историја. Тој е незадржлив на теренот, но статусот на ѕвезда го следи и во ноќните клубови на Рио. Покрај журките и жестоките пијалоци, негова голема страст се и коцката и жените.

„Елено не можеше да остане незабележан – убав и елегантен како Рудолф Валентино (познат американски актер со италијанско потекло), но со темперамент на диво куче“, си спомнува уругвајскиот писател Едуардо Гаетано.

cult-Reprodução-cin4[1]Заљубен во себе и зајадлив перфекционист – Де Фреиташ постојано се кара со сите. Со судиите, со соиграчите, со фановите… Особено силно е непријателството со приврзаниците на Флуминензе, кои редовно скандираат „Џилда! Џилда!“. Елено го добива тој прекар заради сличноста со каприциозната и нестабилна хероина од истоимениот холивудски филм Gilda (1946), играна од Рита Хејворт.

Во една ситуација Елено така побеснува, што во екот на мечот ги соблекува шорцевите и се размафтува со половиот орган. Резултатот е 1:1, а Елено вреска дека неговиот тим ќе постигне втор гол – истото му е испишано и на јајцата (простете на израз). По 5 минути, Ботафого веќе води, а автор на асистенцијата е… треба да ве оставиме да погодувате?… Елено Де Фреиташ – лично.

Март 1945 година. Фудбалерите на Ботафого воопшто не се трудат на тренингот – до почетокот на сезоната остануваат само неколку дена и тие одвај чекаат да почнат да играат наместо да тренираат шутеви и спринтови. Тренингот е при крај, а на теренот влетува мотоциклист со црна јакна.

Токму така, тоа е Елено, кој пред само неколку дена се имаше вратено од Копа Америка. Со шесте погодоци стана најдобар голгетер на турнирот, заедно со Аргентинецот Мендес. Целта на пристигнувањето со мотор му е уште повеќе да ги импресионира соиграчите.

По честитките и поздравите, следува официјалниот дел – раководството го замолува да каже неколку збора посветени на стартот на сезоната. Но, говорот на Елено воопшто не е оној инспиративниот мотивирачки говор што челниците го очекуваат. Наместо тоа, Елено дрско изјавува дека сите во тимот се некадарни и дека тој ќе мора титулата да ја освојува сам. Ситуацијата ескалира во масовна тепачка.

Heleno-1024[1]Де Фреиташ станува сé понеподнослив. Неможноста да блесне на светското првенство го убива – во 40-тите години не се одржуваат светски првенства заради Втората светска војна. Фудбалскиот гениј се повлекува и посегнува по дрогата. „Еднаш на плажа едвај го познав“, се сеќава претседателот на Ботафого – Карлито Роша. „Погледот му беше како на диво животно. Веднаш сфатив дека требаше да преземеме нешто“.

Елено е инстантно продаден на Бока Јуниорс. Истата година аргентинскиот гигант постигнува нешто што долго му се лизнуваш од рацете – ја освојува шампионската титула.

Во Буенос Аирес, Де Фреиташ ќе ја импресионира лично Ева Перон – втората сопруга на претседателот на Аргентина – Хуан Перон. Бразилецот го поминува целото слободно време со неа. Од клубот му се чудат – ѕвездата воопшто не се појавува на тренинзите, а на натпреварите е просто величествен. Во меѓувреме, организмот му го нагризува една подмолна болест.

Неколку години пред аргентиската авантура, на телото му се појавуваат мистериозни осипи, проследени со чести напади на слабост. Во болницата, на Елено му соопштуваат ужасна вест – тој е болен од сифилис.

„Во тоа време медицината е немоќна против болеста, но лекарите се цврсто одлучни да го спасат фудбалерот. Го предупредуваат дека едноставно мора да води здрав живот и дека препишаните лекарства ќе му влијаат на потенцијата.

За Де Фреиташ, мислата да легне во кревет е рамна на самоубиство. Тој одбива да се лекува“, раскажува Родриго Санторо, кој ја игра улогата на фудбалерот во биографскиот филм Heleno (2011).

Од филмот.
Од филмот.

1949 година. Де Фреиташ се враќа во Бразил, воден од стремежот да игра на Мундијалот. Го облекува дресот на Васко де Гама, а неговите 19 гола го водат тимот до титулата на Рио. Но, Де Фреиташ не престанува да го иритира тренерот Флавио Кошта, кој воедно е и селектор на националниот тим на Бразил. На крајот на сезоната тренерот пресекува дека Елено треба да си бара друг клуб и дека нема да патува на светското првенство.

Очекувано, Елено е бесен – како така некој смее да го уништи неговиот сон? Половина час подоцна се враќа во кабинетот на Кошта, му става пиштол на главата и го повлекува чкрапецот. Не е јасно дали вистински сакал да го застрела тренерот, бидејќи оружјето не било наполнето.

Подоцна, многумина ќе речат дека во решавачкиот меч против Уругвај, кога на Бразилците им е доволен и нерешен резултат, на „Селесао“ им недостига токму острината, дрскоста и мајсторството на Елено.

Во меѓувреме, Елено е сосема скршен. Заминува за Колумбија и одигрува околу 50 меча за Јуниор де Баранкиља. Веќе не постигнува голови толку често, но одново ги полни стадионите. Истовремено, во локалниот шампионат играат и великани како Ди Стефано, Роси, Падернера… Но само Елено ја заслужува честа да му биде подигнат споменик, и тоа – додека е жив.

heleno„Неговите натпревари се претвораа во спектакли. Елено беше вистински фудбалски естетичар. И никој не се интересираше за фактот дека секоја вечер имаше нова жена во јавните куќи, а во казината ги трошеше сите заработени пари“, раскажува колумбискиот писател Андрес Салседо, автор на книгата за Де Фреиташ, насловена како „Следниот ден, фудбалот умре“.

Кариерата на техничарот завршува во татковината. Тој ќе ја изгуби брзината, а одбранбените фудбалери често ќе го провоцираат: „Еј, не ли е тоа Џилда?“. Не е ни чудо што на својот прв и последен меч на „Маракана“, во 1953 година, Елено е избркан од мечот уште во 25 минута, поради удирање на соиграч заради неточно додавање. Елено крши сé што му се испречува на патот кон соблекувалната, а во болница завршува еден од фотографите.

Три години подоцна се појавува во психијатриската клиника – си го заборава името, плаче, а притоа и блада и инсистира на средба со претседателот на Бразил и други важни фигури. Пресот го нарекува „Проколнатиот принц“. Умира една година по Мундијалот во 1958, во пеколни маки. Најголемата, веројатно, е што никогаш не успеа да го оствари најголемиот сон.

„Елено беше идеалист. Човек кој се стремеше да биде најдобар во сé со што се бавеше. Но, борбата со внатрешните демони му ги исцрпи сите сили. Така, тој не успеа да си ги подреди приоритетите. Живееше како цар, но остана во колективното сеќавање како Паднатиот принц на бразилскиот фудбал“, убеден е Санторо.

- Реклама -