Во јануари 2015 одекна ужасна сторија на вестите: група од 13 деца од ирачкиот град Мосул беа егзекутирани пред очите на голема толпа, во неа и самите родители на децата, а телата беа оставени да служат за пример за сите што ќе ги видат. Убиствата беа уште едно од бруталните предупредувања од таканаречената Исламска држава.
Точната причина за егзекуцијата остана нејасна, но нашироко се известуваше дека се работело за казна заради тоа што децата биле фатени како го гледаат фудбалскиот натпревар од Азискиот Куп помеѓу Ирак и Јордан. Никој официјален извор не успеа да потврди дека гледањето фудбал беше единствената причина за грозоморниот чин, а многу експерти истакнуваат дека ИСИС често знае да измислува изговори, сé со цел за брутално да го демонстрира своето „лидерство“.
Јасно е едно: фудбалот во ирачките секции на територијата контролирана од ИСИС, познати како Даеш, е забранет. Анонимни ирачки цивили потврдуваат дека „има многу нешта што е невозможно да се прават на територијата на Даеш, а фудбалот е една од нив“. Истата песна се пее и во Багдад, каде што исто така анонимни цивили потврдуваат дека „сé што може да придонесе кон развој“ е на црната листа на ИСИС, па со тоа и фудбалот не е дозволен.
Иако не може со сигурност да се тврди дека децата беа погубени само затоа што гледаа фудбал, јасно е дека спортот оди контра доктрината на терористичката организација. „Да се остават нечии нозе, бутови, колена и зглобови откриени – не е дозволено“, истакнува Али ал-Ахмед – експерт по тероризам и вахабизам. Според него, доктрината на организацијата исто така го забранува и секој оној кој барем во мала мера му е конкурент во популарноста на Алах (наводно затоа Џихади Џон го снема од видеата на групата кратко пред неговата смрт). Големи реклами и постери од странски фудбалери исто така не се дозволени и инстантно се кинат ако се поставени во некое кафуле. Причината зад тоа е што наводно претставуваат „куфари“ (кафири, каури, неверници, не-муслимани), но и затоа што имаат тенденција да го нарушат религискиот поредок.
Фудбалот претрпе маки и пред 20 години во Саудиска Арабија. Ставовите на арабиските власти се радикално сменети од тоа време, но Али ал-Ахмед наведува дека истата недоверба кон фудбалот постои и ден денес кај некои од влијателните вахабистички свештеници во земјата. Вахабистичката доктрина кон која се наклонети некои Саудијци се смета за блиска до салафистичкото движење на ИСИС.
„Религиите не го охрабрија фудбалот во Саудиска Арабија“, дополнува ал-Ахмед. „Можеше да биде искористен како начин за обединување на групи и создавање на лична исполнетост, па забраната беше подобар начин за да се контролира општеството“.
Во Ирак, во многу области кои во повеќе наврати се окупирани и ослободувани преку бомбардирање од силите на коалицијата и ирачката армија, фудбалот изумре исто така во повеќе наврати, како последица на насилната супресија и воздушните напади. Но, во главниот град на Ирак – Багдад, каде што ИСИС нема влијание, фудбалот продолжува да живее. На 29 јануари 2015, луѓето од градот ја славеа квалификацијата на нивната помлада репрезентаци (под 23 години) на Олимпијадата во Рио толку гласно, што прогонетите Ирачани молеа радоста да се смири, бидејќи стравуваа за животите на своите семејства кои останаа во земјата. Прашајте Ирачанец и ќе ви потврди: „Ирак е фудбалска земја. Кога играат Реал Мадрид и Барселона, целата земја врие од возбуда“, вели францускиот играч Клод Гнакпа, кој играше за ирачки клуб пред да се случи првата инвазија на Исламска држава.
Во Сирија, ситуацијата флуктуира уште повеќе. Извори од Рака – главниот град на самопрогласениот калифат на ИСИС, потврдуваат дека „прашањето за фудбалот никаде не е запишано од Даеш„ и дека “нема пишан закон кој им наложува на луѓето дека фудбалот е забранет“, но тоа постојано се истакнува на улиците, во џамиите и во медиумите (претежно веб-сајтовите на ИСИС). Така, забраната е прилично нејасна. На пример, во Манбиџ, децата кои се постари од 12 не смеат да играат фудбал, што не е случај во Деир ез-Зор. Ситуацијата варира во зависност од тоа каде се наоѓате во Сирија.
Во Рака, тие под 15 години смеат да играат фудбал. Над оваа возраст, спортот станува непрактичен. „Велат дека фудбалот ги оттргнува младите од нивните религиозни должности и молитвите. Сепак, познавам некои луѓе од Рака што играат во дискреција, далеку од очите на Даеш, за да не ризикуваат“, вели анонимниот извор.
Во центарот на градот, ситуацијата е исто така променлива. Имало бројни примери на насилство врз локалните кои се собрале заедно во некое кафуле за да гледаат натпревари, но имало и ситуации кога одредени локали добиваат дозвола за гледање на одредени натпревари. Со други збоови, не може да се гледа фудбал слободно – некогаш ИСИС дава дозвола, а друг пат влетува во кафињата и ги претепува луѓето што не побарале дозвола. Накратко, состојбата е хаотична.
На пример, наптреварот од Ел Класико, помеѓу Барселона и Реал, кој се одигра на 21 ноември 2015, 8 дена по нападите во Париз, првично беше дозволен (за чудо) од шефовите на ИСИС. Но, на самиот старт имаше минута молчење во чест на загинатите во нападот, а откако го видоа тоа, истите тие шефови на ИСИС се налутија и насила почнаа да вадат луѓе од кафулето, по што ги затворија сите места каде што имаше шанси да се прикажува мечот.
Исто така, на почетокот на окупацијата на Рака, луѓето смееја да играат фудбал без разлика на возраста, под услов да им се покриени нозете; само за еден ден да се смени реториката и да се рече дека овие игри ги оттргнуваат луѓето од Бога и нивните должности.
Најиронично од сé е што забраната не важи за странските џихадисти од Европа и САД. Западњаците слободно гледаат фудбал дома или во приватните локали. Многу од нив поседуваат декодери за спортските канали, наспроти официјалниот став на нивните шефови од ИСИС. Тие го забрануваат фудбалот за обичните луѓе, а самите дома ги гледаат натпреварите, а многумина дури играат и на PlayStation конзоли.
Ал-Ахмед воопшто не е изненаден. „За лидерите на Даеш, странските војници се од многу поголема важност. Често тие се помотивирани, пофанатични и повеќе вредат за интернационалните медуми и медиумите во земјите од кои потекнуваат. Затоа, нормално е да им дозволуваат некои од нештата што ги сакаат“.
Вo големите сириски и ирачки градови, џихадистите од Франција, Белгија, Германија, Тунис, Саудиска Арабија и остатокот од светот, живеат во големи куќи во богати соседства, кои останаа напуштени откако оригиналните сопственици побегнаа од земјата. Мнозинството Сиријци и Ирачани не сакаат да ја трпат ароганцијата, насилството и очевидната моќ на „новите“ муслимани кои доаѓаат од странство. Тие не гледаат натпревари заедно со локалното население, тие остануваат во своите палати, а некогаш одат и на местата каде што обичниот народ не смее да оди.
Сирискиот новинар Лоуи Абоалџуд истакнува и друга перспектива на она што се случува во Сирија со фудбалот: „Луѓето во Сирија повеќе мислат на секојдневните проблеми – наоѓање на вода, храна и информирање за тоа каде стигнале последните експлозиви – отколку на играње или гледање фудбал“. Дополнително, читавите фудбалски терени обично ги завземаат џихадистите бидејќи им се погодни за бази и скривалишта. „Големиот стадион во Рака стана гнездо на Исламската полиција. Го нарекуваат ’11-те Точки’. Тоа се случи по бомбардирањата на коалицијата. Стадион е практична локација за нив: има многу спални, заштитен е, а има и паркинзи“.
Не многу далеку од Рака, пак, постојат области кои се контролирани од Слободната Сириска Армија (FSA), а таму на фудбалот се гледа сосема поинаку. Орва Канавати, основач на националниот тим на Слободна Сирија, со гордост ја опишува желбата и решителноста со која се игра фудбалот во регионите ослободени од FSА: „Играме без ризик дека ќе бидеме егзекутирани. И покрај војната, луѓето играат фудбал во овие области, и на малите, и на големите стадиони. Имаме повеќе од 75 тима во овие области, а има и лига со неколку дивизии и 40 клубови базирани во Идлиб“.
Сé на сé, станува јасно дека и покрај сите ризици и проблеми со кои се соочува регионот, ќе бидат потребни повеќе од бомби и сечила за да се искорени она што луѓето на Средниот Исток го нарекуваат „курат алкадам“. Фудбалот останува да биде моќен универзален јазик.