Амбасадорот и постојан претставник во ООН во Њујорк, професорот д-р Љубомир Фрчкоски поднел оставка на позицијата. Фрчкоски оставката ја поднел до претседателката Гордана Силјановска – Давкова и за тоа го известил МНР.
Во изјава за „Либертас“, Фрчкоски вели дека оставката на било каков начин не би требало да се одрази на функционирање во техничка смисла на Мисијата, но дека може да влијае на реализацијата на проектот „Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“.
Поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи, на амбасадорската позиција во Њујорк беше назначен во 2022 година. Указот за неговото назначување го потпиша тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, деновиве во изјава за една телевизија, кажа дека Фрчкоски бил повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но оти до разговорот се уште не дошло поради здравствени причини на амбасадорот.