Сé почесто Французите си ги препродаваат добиените божикни подароци кои не им се допаѓаат – покажуваат податоците на интернет продавниците, кои до средината на јануари очекуваат низ рацете да им пројдат милиони и милиони непожелни дарови.
Како што пренесува францускиот Le Monde, меѓу саботата вечерта на 24-ти декември (католичкиот Божик) и неделата попладне, на сајтот Price Minister се поставени пола милион предмети на продажба, што е за 10 до 15 проценти повеќе огласи отколку на истиот ден во 2015-та. Генералниот дектор на сајтот очекува дека до средината на јануари, преку оваа платформа ќе бидат ставени на продажба повеќе од 3.5 милиони подароци.
И e-Bay во Франција бележи слична тенденција, со околу 100.000 огласи од саботата на полноќ до недела на пладне, што е за една петтина повеќе од продажбите што обично се одвиваат за просечен викенд. Сличен тренд забележува и нивниот најголем конкурент – интернет продавницата Bon Coin.
На Price Minister околу 40% од објавите на огласите се направени од мобилен телефон или таблет. e-Bay исто така забележува дека со распространетоста на смартфоните поставувањето на огласи веќе не е гњаважа, бидејќи се потребни само неколку минути без да се вклучува компјутерот.
Но дека порастот на огласи не се должи на распространетоста на смартфоните, говори фактот што на врвот на листата на огласите непосредно по божикната ноќ, преовладуваат предмети „погодни за луѓе кои не ги познаваме добро“: книги кои добиле престижна француска литературна награда, видео дискови, парфеми и видео игри. Многу од нив, едно лице ги добива на подарок во неколку примероци. Покрај тоа, тука се и потполните промашаи како што е долната облека со погрешна големина, чорапи, пижами, па и секс играчки, пишува Le Mond.
Французите, од друга страна, се сé попребирливи во однос на подароците кои ги очекуваат, но не сакаат нивните пријатели и блиски да дознаат дека ги препродаваат подароците. Според истражувањето на e-Bay и истражувачката агенција TNS Sofres, дури 39% од Французите рекле дека во 2015-та добиле непожелен подарок, за разлика од 22% четири години претходно.
Според истражувањето на Opinion Way посветено на Price Мinister, половина од незадоволните Французи веќе ги продале, ги продаваат, или планираат да ги продадат подароците на интернет. По можност без да знаат тие што им ги подариле.