Французите во четврфтиналето со автоголот на Вертонген


Француската фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство во Германија, совладувајќи ја Белгија со 1:0 (0:0) во осминафиналната пресметка во Дизелдорф. Автоголот на Јан Вертонген во 85. минута ѝ донесе победа на Франција.

Со многу среќа Франција со автогол на пет минути пред крајот славеше над Белгија и се пласираше во четвртфиналето во кое ќе игра против подобрата селекција од дуелот меѓу Португалија и Словенија.

Французите минаа, но покажаа голем број дупки во играта, а против Белгијците дури покажаа своевидна напаѓачка немоќ. Од друга страна, и по 43 години, Белгија ќе остане без победа над Франција на официјални натпреварувачки мечеви, а рамноправен противник беше денеска во Дизелдорф. Несреќбно примија гол кога доминираа и пропуштија две одлични можности, а Французите и покрај пласманот во четвртфиналето останаа должни, исто како и Англичаните, кои ја елиминираа Словачка дури по продолженијата.

Французите досега постигнаа три гола на ЕУРО, од кои два автоголови, заедно со пеналот што го реализираше Килијан Мбапе.

Двете селекции го започнаа натпреварот многу претпазливо, особено Белгијците, чии половина од напаѓачите на почетокот на натпреварот поголемиот дел од времето го минаа во својата половина, извршувајќи задачи во одбраната.

Првото возбудување се случи во 24. минута, кога незгодниот слободен удар на Кевин Де Брујне откосо, одвај со нозе го одбрани голманот Мајк Мењан. Во 35. минута прецизниот центаршут на Кунде го најде Маркус Турам, кој ја натскока противничката одбрана и шутираше со глава, но топката мина крај десната статива. Во судиското надополнување, по левата страна продре Мбапе, топката дојде до Орелиен Чуамени, кој од десетина метри сам и непречено шутира над голот во најдобрата прилика на многу лошото прво полувреме.

Французите многу посериозно го започнаа вториот дел, па веќе во 49. минута уште еден удар на Чуамени беше сопрен од голманот Коен Кастелс. Две минути подоцна Турам од изгледна ситуација шутираше над пречката, а во 53. удар упати и Мбапе кој мина над голот.

Во 71. минута конечно во мечот се појави Ромелу Лукаку. По една убава и прецизна акција, најдобриот белгиски напаѓач упати силен удар дијагонално од десет метри, кој голманот Маињан брилијантно го одбрани.

Во 83. минута се случи најдобрата прилика за Белгија. Доку го вработи Кевин Де Брујне кој шутираше од десетина метри, но Мењан повторно ја спаси Франција. Казната дојде веќе во следниот напад, кога Рандал Коло Муани упати слаб и невешт удар, но топката го погоди дефанзивецот Јан Вертонген и го измами голманот Кастелс. Тоа беше единствениот гол на натпреварот и покрај очајните напади на Белгијците.

- Реклама -