ФОТО|Кучешките венчавки во пораст во Кина


Тоа беше свадба од соништата, со живописен амбиент на отворено, бел фустан од тантела и вкусна торта. Совршен ден за златните ретривери – Бри и Бонд – да се венчаат пред нивните најблиски луѓе и кучешки пријатели, наведува Reuters во својата репортажа од Кина.

Венчавките со домашни миленици се во пораст во Кина, каде што владините политики не постигнаа голем успех во охрабрувањето на повеќе луѓе да се венчаат во општество кое брзо старее и се намалува бројот на населението, каде податоците за склучените бракови и наталитетот остануваат ниски.

Трендот зема замав благодарение на популарноста на домашните миленици и зголемената подготвеност да се троши за нив. Потошувачката на крзнените миленици во 2023 година се зголемила за 3,2 отсто на 38,41 милијарди долари во однос на претходната година, покажаа податоците.

„Луѓето прават венчавки, зошто кучињата да не прават?“, прашува сопственикот на Бри, Реи Линг, откако неговата миленичка разменила завети, ветувајќи дека секогаш ќе ги дели благодатите и ќе си игра со нејзиниот сопруг Бонд.

Од 2023 година, во урбана Кина имало повеќе од 116 милиони мачки и кучиња, според истражувачката компанија „Acuity Knowledge Partners“. Доколку рамномерно се распореди низ градското население на Кина, отприлика еден од осум Кинези поседува мачка или куче, а повеќето сопственици се на возраст под 40 години, според истражувачката компанија.

Линг и неговата девојка Гиги Чен, кои изјавија дека не брзаат да се венчаат, поминале со месеци прецизно планирајќи ја кучешката церемонија, организирале професионални фотографи, дизајнирле свадбени покании и нарачале торта од 110 долари направена по нарачка со фигурини на Бри и Бонд.

Јанг Тао, чија пекарница за домашни миленици со седиште во Шангај ја подготвила тортата, вели дека на почетокот била изненадена што клиентите сакале свадбени торти за своите кучиња.

„Мислам дека ќе има сѐ повеќе и повеќе кучешки венчавки“, вели Јанг додавајќи дека таа веќе организирала неколку слични церемонии откако нејзината пекарница е отворена во 2022 година.

„Веќе имаме нарачка за неколку месеци… за уште една кучешка свадба“, вели Јанг.

Линг вели дека се надева оти церемонијата ќе им даде на Бри и Бонд „чувство на ритуал“ и се надева дека наскоро ќе дочека кутренца.

- Реклама -