Ретко кога меѓу народецов, кога ви посакуваат добри желби, изостанува онаа „да си жив/а и здрав/а до сто и една“. Човек да не знае, ќе помисли дека тоа е максимум што може да се живее. Младичов на сликава, меѓутоа, денеска наполни баш толку и нема намера тука да запре. Се вика Драган Тасевски и му е посебно драг на тимот на 365.com.mk.
Дедо Драган практично е роден во Прва светска војна. Учествувал во Втората. По потекло е од Штип, но цел живот живее во Скопје (ака. „стар скопјанец“). Во помладите години бил авиомеханичар. Покрај авионите, љубител е и на книгите – има прочитано над 3.000 книги! Некои, пак, велат, бил љубител и на жени. Бројки не спомнуваме.
Дедо Драган, покрај тоа, е пример за позитивна мисла и светол дух. Веќе еден век споделува и шири радост и среќа и го сака животот. Тој е инспирација за сите, посебно во овие чудни времиња. Бидете како дедо Драган – сакајте го животот, ќе ве сака и тој вас.
Во меѓувреме, дедо Драган чека неговата правнука да порасне уште некоја годинка, па да почне да ја чува и да ја учи на сѐ она што тој го научил во овие сто и една. „Сега е уште мала, не разбира“ – вели.
Нека ни е здрав и жив!