ФОТО I Женската јуниорска репрезентација на Македонија е меѓу најдобрите 16 во светот


Женската јуниорска репрезентација на Македонија обезбеди пласман во топ-16 фазата од Светското првенство чиј домаќин е нашата земја.

Во клучниот меч за второто место во групата, нашите ракометарки го совладаа директниот ривал Ангола со 28-23, пред се благодарение на одличното второ полувреме. Африканската селекција подобро го почна натпреварот, но до средината на првиот дел се играше израмнето. По серијата од 4-0, Македонија поведе со 10-7, Ангола дојде на -1, но на голем одмор се замина со 13-11 за нашата репрезентација.

Победникот беше решен во раната фаза од второто полувреме, поточно по серијата од 6-0 на Македонија по која нашите ракометарки отидоа на +7 (19-12). Нешто подоцна ја достигнавме и највисоката предност, од осум разлика (26-18), а само поради опуштањето во македонскиот тим и серијата од четири гола, Ангола во финишот се избори за пристоен пораз.

Емилијана Ризоска и Сара Стефаноска со по шест гола беа најефикасни во македонската репрезентација, а Ива Младеновска додаде пет. Во главната фаза, Македонија ќе биде во група со Португалија и Црна Гора, покрај Исланд со кого се сретна во групата. Во вториот дел влегуваме без бодови што ќе ни ја отежни работата во обидот за пласман во четвртфиналето.

Фото: РФМ

- Реклама -