Фон дер Лајен: Стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња

Европската комисија денеска предложи да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за земјава за справување со енергетската криза. Овој предлог, како што истакнаа претседателката на ЕК – Урсула фон дер Лајен, и еврокомесарот за проширување и доседска политика – Оливер Вархеји, покажува дека Брисел стои покрај Северна Македонија во предизвикувачки времиња.

Како што велат од ЕК, помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на државата во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја финансиската одржливост и структурните реформи. Оваа помош е наменета и за успешно справување со предизвиците со кои се соочува цела Европа, но и за успешно спроведување на политиките и реформите со кои ќе се забрза интеграцијата на земјата, преку Меморандумот за разбирање помеѓу земјава и Европската Унија. Денешниот предлог е во рамки на 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), до 530 милиони евра.

„Ние стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме макрофинансиска помош до 100 милиони евра за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години“, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

И Вархеји, во објава на Твитер, наведува дека „во овие предизвикувачки социо-економски времиња, Комисијата стои на страна на Северна Македонија со својот предлог да обезбеди макрофинансиска помош до 100 милиони евра за земјата“.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Тоа е уште еден доказ за нашата посветеност дека стоиме со нашите партнери“, нагласува Вархеји.

Од Европската комисија информираат дека помошта би била во форма на заеми, што ќе се исплатат на две рати.

„Овие две плаќања би биле условени со спроведување на политичките мерки кои треба да се договорат меѓу Северна Македонија и ЕУ со Меморандум за разбирање. Меморандумот за разбирање најверојатно ќе се фокусира на реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, судските реформи и борбата против корупцијата. Плаќањата, исто така, би биле условени со позитивни резултати во спроведувањето на програмата на ММФ. Овие реформи ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ“, велат од ЕК.

Макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со соседните партнери и партнерите за проширување, и е наменета како инструмент за одговор на кризи. Со неа се покажува солидарноста на ЕУ со овие партнери и поддршката на ефективни политики во време на криза. Следува предлогот да биде одобрен од Европскиот совет.

Извор: МИА

- Реклама -