Фон дер Лајен ќе ги посети Македонија и регионот за да испрати „силен сигнал на заложба за процесот на пристапување“

Претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, за време на нејзиниот годишен говор за Состојбата на Европската Унија – кој се одржува секој септември и во кој претседателката ги презентира успесите и предизвиците на Европската Унија, најави дека до крајот на месецов ќе го посети регионов за, како што рече, да го поддржи процесот на приклучување кон ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Пред крајот на овој месец ќе отпатувам во регионот за да испратам силен сигнал на заложба за процесот на пристапување. Им го должиме ова на сите млади кои веруваат во европската иднина“, рече шефицата на Европската Комисија.

Таа истакна дека ЕУ регионот го поддржува и економски, преку Економскиот и инвестициски план, кој изнесува третина од целкупниот бруто домашен производ на регионот.

„Затоа што инвестиција во Западен Балкан е инвестиција во иднината на ЕУ“, подвлече таа.

Од дипломатските служби во Брисел за МИА потврдија дека претседателката на Европската Комисија ќе ги посети сите шест земји од регионот, вклучително и Северна Македонија.

Посетата ќе се одржи од 28 до 30 септември. Според изворите на МИА, во Брисел посетата сѐ уште се подготвува и засега нема детали за програмата.

Претседателката оваа посета ја организира една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на почетокот на октомври во Брдо, Словенија, и чија цел е да се потврди поддршката на ЕУ за регионот како што тоа беше случај со самитот во Софија, а потоа и во Загреб, под бугарско, односно хрватско претседателство.

„Овој самит ќе биде важна прилика не само да се потврди европската перспектива за Западен Балкан и нивната натамошна интеграција, туку и да се даде дополнителен поттик за имплементацијата на Економскиот и инвестициски план, кој е срцето на нашиот ангажман со регионот“, изјавија за МИА од Европската комисија.

- Реклама -