Фитнес блогерка ти ги разбива илузиите за калориите

Британката Lucy Mountain сака да го смени начинот на кој размислуваш околу бројот на калории, и има пар корисни визуелни споредби што ја докажуваат нејзината поента.

Поентата ѝ е дека тоа што го мислите за „здрава“ храна и грицки, и очекувате да ви помогне да слабеете, може да содржи и повеќе калории од докажаната „џанк“ храна. Од една страна, тоа значи дека некои џанк задоволства не морате да си ги ускратите. Од друга, значи дека треба внимателно да ги читате калориските вредности на етикетите, бидејќи сите „филозофии“ околу слабеењето се сведуваат на едно правило: слабееш кога трошиш повеќе калории отколку што внесуваш.

Да видиме неколку примери:

1. Бадеми vs. гумени бонбони

Многумина ќе изберат бадеми поради нутритивната вредност или вкусот, што е сосема во ред. Многу други ќе изберат бадеми затоа што се на диета и се плашат дека ментално ќе клекнат пред благото макар и ако еднаш пробаат гумени бонбони; и тоа е во ред. Но, „кога мојата исхрана главно е балансирана и полна со микронутриенти“, вели Луси, „немам проблем со тоа да каснам нешто само затоа што ми се допаѓа вкусот. Ова е личен избор. ‘Здраво’ за мене значи тоа што јас одлучувам да значи. А гумените бонбони (во умерени количини) ме прават среќна, и верувам дека тоа битно придонесува во моето генерално здравје“.

2. Солен чипс vs. чипс од зеленчук

Иако очекуваш зеленчуковиот чипс да има многу помалку калории, разликата всушност е многу мала. Тоа уште еднаш те потсетува дека производите промовирани како „здрава алтернатива“ не секогаш се подобри или многу поразлични од тоа што го „менуваат“. Уште една причина понекогаш да го избереш тоа што ти е повкусно, а не тоа што е „поздраво“.

3. Обична флаширана вода vs. флаширана вода „со овошен вкус“

Во вода баш и не очекуваш калории, нели? Ама адитивите можат многу да сменат. Повторуваме, читај етикетите.

4. Од сладолед до сладолед има разлика

Ама пак не значи дека треба да го одбереш тој со помалку калории, да речеме овошен. Ако веќе слабееш, треба да го избереш тој што ќе те одржи на количина на внесени калории помала од количината на потрошени калории. Со други зборови, ако кркнеш еден овошен сладолед и после потребата за благо те тера да мавнеш и нешто чоколадно, подобро уште од старт да си купиш Магнум (или што и да ти е желбата) и да кркнеш и чоколадо и сладолед во едно.

Прочитајте и:  Храна која може да доведе до затнување на артериите

5. „Здрави“ бисквити vs. бисквити што дебелеат

А во суштина нема многу разлика, освен што едните имаат малку повеќе протеин и помалку шеќер, а другиве имаат неколку екстра нутриенти, ама во ептен мала количина.

6. Млечно чоколадо vs. чоколадо „без глутен“ и „без млеко“

Автоматски претпоставуваш дека „без ова или она“ по дифолт е „здраво“, а оттаму и „диетално“. А не е така. Ако нешто нема глутен или млеко, не значи дека има помалку калории и дека е правиот избор за твојата посакувана фитнес цел.

7. Млечно чоколадо vs. 85% црно чоколадо

Пак сличната ситуација. Ако ти прави ќеиф црно чоколадо, јади црно чоколадо. Ако преферираш млечно, ама бираш црно зашто мислиш дека е „поздраво“, т.е. помалку дебелее, џабе везеш. Од перспектива на калории, млечното е подобро, а и факторот на зголемување на среќа е 900% поголем отколку кај црното (ова не според научни мерења, туку според лично искуство на авторот).

8. Тост лепче со путер vs. тост лепче со путер

Луси уште еднаш потенцира дека сака да ужива во секоја храна, и ако нешто ѝ се допаѓа, не сака тоа нешто да го елиминира од исхраната, дури и кога работи на намалување на тежината. Наместо елиминација, вели, учи да ја менаџира количината на порцијата од истото тоа нешто (во примерот на сликата, става помалку путер).

9. Смути vs. смути vs. смути

Ако ти е до смутито, јади какво сакаш. Ако ти е до слабеење, состојките се пресудни, не количината.

10. Свежи јагоди vs. сушени јагоди

Со „сушење“ на овошјето, калориите не испаруваат.

11. Храна што слабее vs. храна што дебелее

Дап, намерно е истата, за Луси уште еднаш да ве потсети на златното правило: Нема конкретна храна што слабее и нема конкретна храна што дебелее. Дебелее кога јадеш повеќе калории отколку што трошиш. Слабее кога јадеш помалку отколку што трошиш. Толку е тајната.

 

- Реклама -