Финска полиција: Децата да ги пријават родителите што зборуваат лошо за политичарите

Во Финска ич не биле фини. Не биле фини ни кон политичарите. Затоа финската полиција, преку YouTube видео, ги повика децата да ги пријават своите родители ако на друштвените мрежи користат говор на омраза, вклучително и кон политичарите.

Во текот на претходните неколку години, финските власти внимателно ги следат пораките и содржините на друштвените мрежи, сé тоа во насока да го намалат говорот на омраза во земјата. Иако најголемиот дел од забележаните случаи на говор на омраза се однесуваат на вербални навреди кон имигрантите и верските малцинства, под капата на терминот влегоа и омаловажувачките пораки кон политичарите. Притоа полицијата потсетува дека да навредуваш некој преку Фејсбук, со пораки или фотографии, во Финска може да претставува кривично дело.

Ако целава работа ви звучи матно, уште не сте го виделе видеото.

Оди отприлика вака: Мајката мрмори нешто од типот „е сега ќе си го добие“ и почнува да куца на тастатурата. На тоа, детето ја прашува зошто не му го каже тоа лично на човекот кому му пишува. Жената одговара дека нема храброст. Детето ја пријавува на полициската маскота – своето плишано лавче, по што следат пар лекции за мајката, а потоа и цела песна на тема интернет навреди. Во еден стих се наведува дек навредата на интернет е како тетоважа – останува засекогаш.

Звучи и изгледа како пародија, ама не е. Ставот на Финците по однос на ваквиот потег на полицијата, од друга страна, може лесно да се види од соодносот на лајкови и дислајкови под видеото: во моментов е 84 наспроти 1439.

Финска моментално е рангирана на прво место според светскиот индекс на медиумска слобода, а граѓаните генерално имаат право и слобода на изразување. Но новите идеи на полицијата се закануваат на таквата слобода.

Како и во многу други земји, во Финска е противзаконски да се закануваш или да навредуваш било која група врз основа на етничка припадност, религија, сексуална ориентација, хендикепираност и други слични карактеристики. Меѓутоа, „етничката агитација“ т.е. повикувањето на геноцид на било која раса, е единствениот криминален акт казнив со затворска казна. Полицијата сега бара да се прошири обемот на таквото правило, и да се криминализира секаков вид на „говор на омраза“.

Активистите за човечки права, како и повеќето Финци, сметаат дека ваквото правило претставува отворена закана за слободата на изразување. Тие обвинуваат дека во напорите да спречат подем на фашизмот и да ја одржат стабилноста и слободата, финските власти полека се претвараат во Големиот Брат од Орвеловата „1984“.

- Реклама -