Филмот на Алмодовар „The Room Next Door“ триумфираше на филмскиот фестивал во Венеција


Првиот филм на англиски јазик на прославениот шпански режисер Педро Алмодовар, „The Room Next Door“, кој обработува тешки теми за евтаназија и климатски промени, во саботата ја доби престижната награда Златен лав на Филмскиот фестивал во Венецијаа.

Филмот, во кој главните улоги ги толкуваат Тилда Свинтон и Џулијан Мур, доби 18-минутни овации кога беше премиерно прикажан во Венеција претходно оваа седмица, едни од најдолгите овации во последно време.

Алмодовар е миленик на фестивалските кругови и беше награден со Награда за животно дело во Венеција во 2019 година за неговите смели уметнички креации на шпански јазик, често проткаени со хумор и сатира. Исто така, ја освои наградата Оскар за најдобар странски филм за неговото остварување од 1999 година „Сѐ за мојата мајка“.

Сега на 74-годишна возраст, Алдомовар одлучи да се обиде на англиски јазик, а на новинарите им кажа дека тоа е како научна фантастика.

Говорејќи во пресрет на премиерата, рече дека неговиот филм ја истакнува важноста на негувањето на животот, но исто така јасно стави до знаење дека луѓето треба да можат достоинствено да умрат во време кое самите ќе го изберат.

„Тоа е филм кој ја заговара евтаназијата“, рече тој,критикувајќи ги земјите како САД каде што евтаназијата е нелегална, за разлика од неговата родна Шпанија.

Додека многумина и претходно сметаа победник во Венеција несомнено ќе биде „The Room Next Door“, Сребрениот лав беше изненадување бидејќи ѝ припадна на италијанската режисерка Маура Делперо за нејзината драма во бавен ритам „Vermiglio“, сместена во италијанските Алпи за време на Втората светска војна.

Австралијката Никол Кидман ја доби наградата за најдобра актерка за нејзината главна улога во еротскиот трилер „Babygirl“, во кој го толкува ликот на закоравена извршна директорка којашто ги загрозува и својата кариера и своето семејство со токсична афера со млад приправник.

Кидман беше во Венеција во саботата, но не присуствуваше на доделувањето на наградите откако дозна дека нејзината мајка ненадејно починала.

Французинот Винсент Линдон беше прогласен за најдобар актер за улогата во „The Quiet Son“, современа драма на француски јазик за семејство растурено од екстремниот десничарски радикализам.

Наградата за најдобар режисер му припадна на американскиот режисер Брејди Корбет за неговиот 3,5-часовен филм „The Brutalist“, епска приказна за Унгарец кој го преживеал холокаустот кој сака да го обнови својот живот во САД. Него го игра Адриен Броди.

Фестивалот го означува и почетокот на сезоната на наградите и редовно ги носи големите фаворити за Оскарите.

Мурило Хаузер и Хеитор Лорега ја добија наградата за најдобро сценарио за „I’m Still Here“, филм за бразилската воена диктатура, додека специјалната награда на жирито ја доби драмата за абортуси „April“ на грузиската режисерка Деа Кулумбегашвили.

Меѓу филмовите што го оставија Венецискиот остров Лидо со празни раце, беа „Joker: Folie à Deux“ на Тод Филипс, со Хоакин Феникс и Лејди Гага, продолжението на неговиот оригинален „Joker“, кој ја освои главната награда на истата сцена во 2019 година.

Филмот „Queer” на Лука Гвадањино, во кој глуми Даниел Крег како геј зависник од дрога, и биографскиот филм „Maria“ за оперската дива Марија Калас, во кој глуми Анџелина Џоли во улогата на прославената грчка сопран, исто така, добија признанија од критичарите, но не освоија никакви награди.

Француската актерка Изабел Ипер оваа година беше на чело на венециското жири.

- Реклама -